Јужноафрикански ренџер за борба против ловокрадство проверува дали има некакво движење навечер околу конструкцијата за животни. „Сè уште учам како да се справувам со различните ситуации. Преиспитувајте се секогаш“ - советува Gulshan. Снимено со EOS 5D Mark III од Canon (сега е заменет со новиот EOS 5D Mark IV од Canon) и објектив EF 35mm f/1.4L USM од Canon (сега е заменет со новиот EF 35mm f/1.4L II USM од Canon) со избрани 1/80 сек., f/1,4 и ISO3200. © Gulshan Khan
Раце кои цврсто се држат за коњот во шеќерна боја на вртелешката, лице кое е облеано со возбуда, хиџабот се вее како наметка на некој суперхерој. Ова не е типична слика од млада муслиманка - и токму поради тоа ѝ е една од омилените на Gulshan Khan, амбасадорката на Canon. „Нас муслиманите, а посебно жените и девојките, не секогаш нè прикажуваат како скапоцени човечки суштества. Велам „нас“ бидејќи ова е и моја заедница“ - објаснува јужноафриканската фоторепортерка. „Сведоци сме на премногу страдања и „етикетирање“ во сликите од Африканскиот континент. А овде имате радосна девојка која е фотографирана достоинствено“.
Примерот на Gulshan нè потсетува дека фотоапаратот е моќна алатка. Сликите што ги создавате можат да овековечат еднодимензионални начини на гледање на светот, но можат и да откријат многу повеќе. Ова е особено точно кога станува збор за фотографирање култури или заедници што се различни од вашите, независно дали се наоѓаат во непосредното соседство или некаде каде што сте отпатувале илјадници километри. За Gulshan, ова е составен дел од работата. Како независна фоторепортерка која објавувала содржини во National Geographic, The New York Times и The Guardian, но и поранешен хонорарец за Agence France Presse (AFP), Gulshan редовно фотографира луѓе и места во нејзината земја и подалеку. Тука ќе ни објасни како да снимате прекрасни, но чувствителни културни слики.