Усовршување на уметноста на долгата експозиција во црно-бел формат

Дознајте каде, кога и како фотографот за долга експозиција Stephen McNally ги доловува своите прекрасни црно-бели пејзажи.
Црно-бела слика од урнатини на некоја зграда, снимени со долга експозиција за да се заматат облаците на небото.

Stephen McNally го усоврши црно-белото фотографирање со долга експозиција и одржа повеќе изложби, а неговиот апетит за овој жанр станува сè поголем со текот на годините. Работејќи како бербер, фотографирањето го приморува да излезе надвор, да бара нови локации, да ги види познатите места од поинаква перспектива и тоа му претставува огромно задоволство.


Многумина го избираат црно-белото фотографирање поради начинот на кој ја истакнува возбудата преку контраст и тонови. Отсуството на бои ви овозможува да ги погледнете фотографиите на поинаков начин и да се фокусирате на композицијата, субјектот и формите. Спојте го црно-белото фотографирање со долга експозиција и ќе добиете нова димензија на интрига. Како што вели Stephen: „Фотографиите со долга експозиција создаваат нереален свет што очите не можат да го видат, а фотоапаратите можат да го доловат“.

Тука ќе дознаеме како работата на Stephen еволуирала во поглед на процесот и опремата и зошто ја сака оваа техника.

Зошто се одлучи за црно-бели фотографии со долга експозиција?

Три пенушки и нивните корења излегуваат над површината на водата во нереален пејзаж.

„Го посетив местото Блејкмер Мос во Деламер во Англија за да ги фотографирам трите пенушки во езерото, бидејќи шумскиот комитет ги пресече дрвата за да ја обнови природната водна површина“ - вели фотографот Stephen McNally за оваа слика. „Пенушките на пресечените дрва се претвораат во одлична апстрактна и минималистичка слика доколку фотографирате со долга експозиција што го изолира субјектот. Долгата експозиција ја прави водата рамна и таа изгледа како ледена плоча“. Снимено со EOS R6 од Canon, адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив EF 24-105mm f/4L IS USM од Canon (сега е заменет со новиот EF 24-105mm f/4L IS II USM од Canon), со избрани 40 mm, 7,3 сек., f/11 и ISO100. © Stephen McNally

Разурнат склад за бродови, доловен со облаци над него.

Stephen ја снимил ова фотографија од одамна заборавен склад за бродови, за време на неговата посета на Англси во Велс. „Кога го видов складот за бродови, вниманието ми го привлече зрнестата текстура и деталите на вратата, како и контрастот со многу темни алги на подот. Има толку многу сиви нијанси што можам да ги замислам белите тонови што се појавуваат во облаците“ - вели тој. Снимено со EOS R6 од Canon, адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив EF 16-35mm f/4L IS USM од Canon, со избрани 16 mm, 4 сек., f/7,1 и ISO100. © Stephen McNally

Stephen започнал да фотографира интересни субјекти како морски пејзажи на зајдисонце и изгрејсонце, но одлучил да премине на нешто што сметал дека е поголем предизвик за него. „Ми здодеа да го правам тоа, бидејќи сите го правеа. Сакав да се соочам со поголеми предизвици и да направам повеќе со фотоапаратот“ - објаснува тој.

Освен претворање нереален елемент во фотографија, голем дел од привлечноста на долгата експозиција е елементот на изненадување - не знаете како ќе изгледа сликата сè додека не ја затворите блендата и не погледнете во екранот. Кога блендата на фотоапаратот е отворена долг временски период, таа снима траги од движења создадени од нормалното движење на субјектите како што е водата, облаците или луѓето. Овој дел од сликата е спротивен на неподвижните субјекти во сцената, кои ќе останат неверојатно остри.

Како што вели Stephen: „Нереалното чувство на фотографијата ми го привлекува вниманието. Фотографиите со долга експозиција го прават морето рамно, иако очите гледаат како надоаѓаат огромни бранови. Сето тоа може да го паузирате во фотографиите со долга експозиција - тоа е нивната магија“.

Идеални локации

Осамено дрво доловено во фокус, наспроти посветла заднина, облаците над него се доловени во движење.

За успешно снимање на црно-бела фотографија, според Stephen, најважни се различните нијанси. „Работам на принцип според кој во црно-белата фотографија имам од чисти бели до чисти црни тонови, а потоа различни нијанси и текстури. Во софтверот за уредување, броевите од 1-12 во долниот дел ми ги покажуваат сите нијанси, а ако ги имам сите 12, тогаш црно-белата фотографија е совршена“. Снимено со EOS R6 од Canon, адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив EF 16-35mm f/4L IS USM од Canon, со избрани 20 mm, 30 сек., f/11 и ISO100. © Stephen McNally

Урнатини од стара фарма, со дрва и полјана во заднина и облаци над нив што се доловени во движење.

„Секогаш снимајте пробна фотографија, за да видите што ќе покаже хистограмот, а потоа ќе знаете како да ја поставите брзината на блендата“ - предложува Stephen. „Светлосните сигнали [предупредувања за прекумерна/недоволна експозиција] ми се вклучени за да знам дали светлите тонови ќе бидат премногу осветлени. Ако поставите максимална експозиција за фотографијата, тогаш знаете дека ќе снимите максимална количина на податоци. Ако светлите тонови се премногу осветлени, тогаш нема да можете да извлечете никакви податоци“. Снимено со EOS R6 од Canon, адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив EF 16-35mm f/4L IS USM од Canon, со избрани 16 mm, 38 сек., f/11 и ISO100. © Stephen McNally

Stephen постојано се враќа на истите места во северозападниот дел на Англија. Таму има омилени дрва и сака да види како се промениле во текот на годишните времиња. Кога е на ново место, прво ја разгледува локацијата и прави ментални белешки од местата каде што планира да се врати.

Ако фотографирате морски пејзажи, „мора да истражите повеќе за плимата и осеката“ - препорачува тој. „Најчесто фотографирам осека. Ако фотографирате плима, вашиот фотоапарат ќе се поместува за време на експозицијата, а тоа значи дека вашите слики нема да бидат остри. Многу е постабилен за време на осека.

Stephen сака да фотографира на есен, бидејќи е подобро да имате облачен ден кога снимате долга експозиција од небото, при што пропуштате повеќе светлина во фотоапаратот. „Не фотографирам сред лето бидејќи ќе треба да тргнам во 2 часот наутро, па затоа работам во септември кога зората започнува во 6 часот наутро. Истражувам за локации каде што работам, кога изгрева сонцето и од која страна ќе има светлина. Ако е темно и делумно облачно, тогаш имам што да искористам при работата“ - објаснува тој. Започнува со гледање хистограм на својот фотоапарат за да ја утврди достапната светлина и колку време му преостанува.

Фотографиите на Stephen имаат меланхолична атмосфера, што делумно се должи на содржината. Претпочита да се фокусира на индустриски знаменитости или напуштени згради - запустени места што некогаш биле полни со живот. „Ме привлекуваат стари згради“ - вели тој. „Неодамна бев во Англси во Велс, каде што наидов на стара фарма (погледнете ја десната слика погоре) и си помислив, колку време стои урната оваа фарма? И зошто морале да престанат да ја одржуваат? Каде се луѓето кои живееле и работеле тука?“

Овие спомени од минатото изгледаат одлично и ако ги доловите во црно-бел формат. „Во црно-белото фотографирање, композицијата доаѓа во фокус и мора да биде силна“ - додава тој.

Омилена опрема

Урнатини од зграда наспроти светло небо, облаците се доловени во движење и се заматени.

Кога ги фотографирал урнатините на оваа работилница за викторијански порцелан, Stephen открил дека „работниците морале да пешачат со километри бидејќи немало ништо наоколу. Произведувале порцелан и прибори, а потоа доаѓале бродови и ги пренесувале“. Снимено со EOS R6 од Canon, адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив EF 16-35mm f/4L IS USM од Canon, со избрани 16 mm, 86 сек., f/11 и ISO100. © Stephen McNally

Куп земја на раб од карпа, во заднина има мирно море и облаци над него што се замрзнати во движење.

Кога времето и условите за осветлување се добри, најдобро е да снимите колку што е можно повеќе фотографии. „Движењето на облаците и водата не секогаш е предвидливо, но сепак може да биде одлучувачки фактор за успешни фотографии. Снимив повеќе од 100 фотографии во Англси, но обработив само 20, другите ги избришав“ - вели Stephen. Снимено со EOS R6 од Canon, адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив EF 16-35mm f/4L IS USM од Canon, со избрани 16 mm, 55 сек., f/11 и ISO160. © Stephen McNally

Stephen набави подобар фотоапарат за да може да го приспособи својот работен процес. Започнал да фотографира со EOS 450D од Canon (сега е заменет со новиот EOS 850D од Canon), потоа преминал на EOS 60D од Canon (сега е заменет со новиот EOS 90D од Canon), а неодамна го набавил и EOS R6 од Canon. И покрај тоа што преминал на модел без огледало, Stephen сè уште може да ги користи своите омилени EF-објективи без загуби во квалитетот благодарение на адаптерот за монтирање објективи EF-EOS R од Canon.

„Го обожувам екранот на допир кај EOS R6 од Canon, многу е интуитивен. Треба само да го допрете екранот за да ја промените вредноста на f или ISO“ - вели тој.

Stephen често фотографира во режим на сијалица, што му овозможува да ја држи блендата отворена сè додека неговиот прст го притиска копчето за активирање на блендата. Користењето жичен уред за активирање ќе ви овозможи да избегнете тресење на фотоапаратот предизвикано од држење на блендата. „Режимот на сијалица е неопходен за држење на блендата отворена долги временски периоди додека фотографирате во темнина или со ND-филтер [неутрална густина] со 10 или 16 чекори“ - вели тој.

Stephen често носи повеќе фотоапарати со себе на фотосесиите за да го искористи времето максимално. Кога снима експозиција од 20 минути со својот EOS R6 од Canon, може да постави друг фотоапарат од поинаков агол и така го поминува времето додека чека.

Последната алатка од торбата со опрема на Stephen е неговиот софтвер за уредување. Тој фотографира во RAW-формат и во боја, за да има повеќе информации за работа при уредувањето. Потоа ги претвора своите слики во црно-бел формат пред да започне да ги уредува во софтвер, како што е Adobe Photoshop или бесплатниот Digital Photo Professional (DPP) од Canon. „Ги прилагодувам нивоата и кривите за бои и додавам градиенти. Ако работам на некоја датотека подолго од 10 минути, тогаш ја бришам. Сакам да избегнам прекумерно уредување, па се трудам да го постигнам саканиот резултат уште при фотографирањето“ - објаснува тој.

Снимање совршена снимка

Стапица за јастози во преден план на пејзаж, водата изгледа мирна, а облаците во заднина се доловени во движење.

Природата не секогаш нуди совршена композиција, па затоа Stephen ви препорачува да интервенирате малку за да создадете рамнотежа во сликата. „Стапицата за јастози беше позиционирана странично во кадарот, но јас ја поместив поблиску до центарот. Секогаш се обидувам да доловам елементи во преден план - имам искористено парче дрво што лебди над вода и сакам да создавам многу апстрактни сцени“. Снимено со EOS R6 од Canon, адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив EF 16-35mm f/4L IS USM од Canon, со избрани 16 mm, 71 сек., f/11 и ISO100. © Stephen McNally

Три корења излегуваат од мирна и осветлена вода, што на сликите им даваат чувство на скулптури.

Stephen се релаксира кога фотографира долги експозиции при слаба осветленост. „Додека чекате да се појави светлината, се чувствувате како целиот свет да стои во место. Нема никој наоколу. Изгледа како целиот свет да е ваш“ - вели тој. Снимено со EOS R6 од Canon, адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив EF 24-105mm f/4L IS USM од Canon, со избрани 80 mm, 36 сек., f/11 и ISO100. © Stephen McNally

Потрагата по одлично фотографирање со долга експозиција при слаба осветленост е голем предизвик. „Девет од 10 пати е неуспешна“ - објаснува Stephen. „Најдоброто нешто што можат да го направат оние кои сакаат да навлезат во овој жанр е да експериментираат и да почнат да фотографираат рано наутро“ - додава тој.

„Користењето ND-филтер со 10 или повеќе чекори помага многу. Или, пак, фотографирајте при слаба светлина, непосредно пред зората. Ќе снимате експозиции од времетраење до 50 секунди пред зората, што ќе ви понудат одлични резултати. Користам и ND-филтри за обратна градација кога хоризонтот е потемен, бидејќи тоа ќе биде најсветлата точка кога ќе изгрее сонцето“.

Најдете некое место, истражете повеќе за локацијата, почнете со работа рано наутро и пробајте ја техниката на Stephen за снимање црно-бели фотографии со долга експозиција. Последниот совет на Stephen е следниот: „Дознајте колку што е можно повеќе информации и искористете ги во пракса. Никогаш нема да го добиете тоа што го посакувате ако не се потрудите“.



Напишано од Natalya Paul

Слични производи

  • Canon Camera
    Без разлика што фотографирате и како фотографирате, EOS R6 ќе ви овозможи да бидете креативни на начини што никогаш досега не сте знаеле дека постојат.
  • Canon Camera
    Користете ги постоечките објективи EF и EF-S со новиот фотоапарат EOS R и откријте нови нивоа на креативност.
  • Canon Camera
    Лесниот објектив f/4 за зумирање од 24-105 mm од серијата L нуди голем опсег на зумирање со импресивни разновидни опции.

Слични статии

Монохроматско доловување на светот

Фотографот-далтонист Chris Ward објаснува како да изработите слики фокусирани на префинети детали.

Совети за црно-бело фотографирање

Од свадби и пејзажи до спорт и портрети, дознајте како да снимате прекрасни црно-бели слики.

Создавајте траги од светлина

Како да користите долги експозиции за да создадете траги од светлина: совети од победникот на Redline Challenge од Canon.

Фотографирајте далечински

Откријте ги придобивките од далечинското фотографирање за секаков вид на фотографирање.