Апстракцијата на човечкото тело имаше многу форми низ историјата на уметноста, почнувајќи од квадратната форма на Пикасо до скулптурите на Хенри Мур. Кога станува збор за фотографии, апстрактниот портрет може да ни понуди поинаква реалност за секојдневните лица и тела што сме навикнати да ги гледаме. Нема правила и нема потреба од острина и прецизност. Наместо да снимаме прецизна репрезентација на нашите субјекти, може да прикажеме концепти и емоции преку нашите слики. Исто така, ова е одличен тест за нашите вештини за фотографирање и можност за неограничено експериментирање и забава.
Бидете креативни: како да снимате апстрактни портрети
1. Играјте со сенките
Зошто не создадете интересни текстури од светлина и сенки врз вашиот субјект? Сè што ви треба е предмет со отвори или дупки за да ја пропуштите светлината. Ваквите блокатори на светлина се нарекуваат „гобо“ (gobos) на англиски јазик (кратенка од „go-betweens“). Веројатноста е голема да пронајдете многу предмети во домот што ќе можете да ги искористите за истата намена. Може да користите прекривки со широка плетка, заштита за радијатори, ролетни, ѓевгири, па дури и гранки од дрвја или метални маси за во градина. Тука користевме кружен шаблон со текстура на мандала. Секако, може да направите сопствен гобо од картон со помош на скалпел.
Најважниот елемент во создавањето добро дефинирани сенки со вашиот гобо е да користите силен извор на светлина. Идеално решение е сончева светлина, но може да користите и факел, сијалица или блиц Speedlite. Колку е помал изворот на светлина, толку понагласени и појасни ќе бидат сенките. Доближете го гобото колку што е можно поблиску до лицето, а ако користите извор на вештачка светлина, тогаш поместете го изворот далеку и исклучете ги сите друг светилки. Најдоброто нешто за апстрактните портрети е тоа што не е потребна професионална опрема за да снимите квалитетни слики. DSLR-фотоапаратите за почетници, како што е EOS 850D од Canon, со стандарден објектив или со објектив за портрети се идеално решение. Кога станува збор за поставки на фотоапаратот, треба да го користите режимот за приоритет на решетка (Av) и да се обидете да додадете еден или два чекори негативна компензација на експозицијата за да добиете убави и длабоки сенки.
2. Снимајте нереални рефлектирања
Огледалата можат да создадат силни чувства за карактер и идентитет, па затоа се идеален реквизит за вовед во апстрактните портрети. Кога работите со огледала, предизвикот е да ги погодите аглите и позиционирањето на субјектот во рефлектираниот приказ. Исто така, треба да се одлучите помеѓу фокусирање на рефлектираната слика или самото огледало, бидејќи овие две работи се во различни рамнини за фокусирање. Ако сакате да добиете остар приказ од двете, тогаш користете тесна решетка како f/16, бидејќи на тој начин ќе можете да ја зголемите длабочината на полето.
Ако користите огледало при фотографирањето ќе можете да снимате различни апстрактни слики, да експериментирате со автопортрети и да фотографирате под креативни агли. Ако имате мало рачно огледало, тогаш вашиот субјект може да го држи блиску до своето лице за да снимите невообичаен портрет или, пак, може да користите повеќе големи огледала за да создадете ефект на бесконечност во сликите.
3. Бојте ги лицата со светлина
Ние ја доживуваме реалноста момент по момент, но фотоапаратот може да долови различни временски пространства заедно во една слика. Долгата експозиција ни овозможува да ја издолжиме брзината на блендата за да добиеме најразлични апстрактни ефекти, а еден од најпривлечните такви ефекти е боењето со светлина.
Со движење извор на светлина, како факел во боја, низ сцената за време на експозицијата од неколку секунди, може да создадете неверојатни траги од светлина. За да снимите портрети обоени со светлина, треба да фотографирате во темна просторија (не мора да е потполно темна), треба да го замолите субјектот да не се поместува и да го ставите фотоапаратот на статив. Точните поставки за експозиција ќе зависат од јачината на факелите и амбиенталната светлина, но добро е да почнете со користење на рачниот режим (M) со брзина на блендата од 13 секунди, решетка f/16 и ISO100. Притиснете го копчето за блендата и почнете да го поместувате факелот или други извори на светлина околу вашиот субјект со рамномерни и непрекинати движења за да го обоите со светлина. Обидете се да го обоите субјектот и од предната и од задната страна за да добиете поинтензивен ефект и обидете се да ја насочите светлината за да го осветлите неговото лице - не заборавајте да стоите од страна додека осветлувате за да не навлезете во кадарот на конечната слика.
4. Фотографирајте низ стакло
Провидните површини се идеални за апстрактни портрети. Ако ставите замрзнато стакло, тенка свила или каков било друг полупровиден материјал помеѓу субјектот и фотоапаратот, материјалот ќе ги прекрие деталите, но ќе ја задржи контурата на лицето и како резултат ќе добиете портрети со етерична убавина. Обидете се да го позиционирате субјектот од една страна на прозорецот, завртен кон светлината, а потоа фотографирајте го од другата страна на стаклото. Експериментирајте со фокусната точка - обидете се да ја фокусирате провидната површина за да го заматите лицето зад неа. Млаз вода врз чаша може да создаде прекрасен меланхоличен амбиент, особено ако фотографирате на облачен ден.
5. Снимајте повеќе експозиции
Режимот за повеќе експозиции на вашиот фотоапарат од Canon ви овозможува да споите две или повеќе фотографии за да добиете слики со концепт и апстрактни ефекти. Ефектот е инспириран од старите техники за снимање со двојна експозиција на истиот кадар од филмот. Но, со фотоапаратите од Canon како што е EOS R6, ова може да го правите на понапреден начин. Откако ќе изберете број на експозиции во менито на фотоапаратот, снимете ја првата слика, а потоа додека го обликуваме кадарот за втората слика, ќе ја гледате претходната слика прикажана врз сликата што се прикажува во живо, а тоа ќе ви помогне да ги обликувате кадрите со цел да се спојат хармонично. Овој ефект може да го добиете и во процесот на обработка по снимањето со помош на софтверот Digital Photo Professional (DPP) од Canon.
Кога снимате портрети со двојна експозиција, обидете се да го доловите субјектот во профил и како силуета наспроти светла заднина, како небото или прозорец. Потоа, кога ќе треба да ја снимите втората слика, таа ќе се усогласи со нагласената контура на главата. Кога станува збор за втората слика (или третата, четвртата или петтата), креативните опции се бесконечни. Може да изберете градска сцена или сцена од природа, да изберете предмет што му е омилен на субјектот, да снимите животно, па дури и да направите спој со друг човек.
Следниот пат кога ќе фотографирате портрет, обидете се да размислувате поинаку и изразете се со помош на некој или сите овие совети.
Напишано од James Paterson
Слични производи
-
EOS R6
Без разлика што фотографирате и како фотографирате, EOS R6 ќе ви овозможи да бидете креативни на начини што никогаш досега не сте знаеле дека постојат. -
EOS 850D
Преземете го следниот чекор во креативната контрола за да снимате фотографии со прекрасни детали и неверојатни 4K-видеоснимки со помош на лесен DSLR-фотоапарат со различни опции за поврзување што ќе ве инспирира и ќе го награди вашиот труд. -
RF 50mm F1.8 STM
Компактен, тивок и лесен примарен RF-објектив од 50 mm, со широка решетка од f/1,8, што е совршен за реализирање на вашата креативна замисла. -
RF 24-105mm F4-7.1 IS STM
Идеален објектив за секојдневна употреба за фотоапарати за целосна слика без огледало наменет за ентузијасти. Практичниот објектив RF 24-105mm F4-7.1 IS STM е лесен, компактен и подготвен да го однесе вашето фотографирање на повисоко ниво. -
RF 85mm F2 MACRO IS STM
Објективот RF 85mm F2 MACRO IS STM нуди разновидни опции за фотографирање одблиску со дискретна телефото компресија и стабилизација на слика со 5 чекори, вградени во компактно и лесно куќиште.