Движењето на фотоапаратот горе-долу, во комбинација со должина на експозиција од 1/15 сек., ќе ги претвори секојдневните улични сцени во слики со прекрасно заматување.
Апстрактна слика е слика што, на прв поглед, воопшто не е поврзана со реалниот свет. Создавањето слики што не се толку поврзани со реалноста ни овозможува да изразиме идеја или чувство што не е поврзано со секојдневните предмети и сцени. Често ни кажуваат дека фотографиите треба да бидат остри, со прав хоризонт и во фокус, но со апстрактното фотографирање можеме да ги прекршиме тие правила во секое време. Тоа нам, на фотографите, ни овозможува огромна слобода да се поврземе со гледачите на подлабоко ниво, а притоа да истражуваме прекрасни визуелни елементи и да експериментираме со техники за фотографирање.
Апстрактната тема е тесно поврзана со уличните и документарните фотографии. Уличните опкружувања се полни со детали, геометрија и движења што, со малку вештини за фотографирање, може да се доловат на концептуален начин и да се откријат скриените убавини дури и во најсекојдневните и најпознатите сцени.
Не само што апстрактниот пристап нуди поинаков приказ на познатите знаменитости и споените згради, туку и ни овозможува да пренесеме живописна импресија од нашето урбано опкружување, независно дали станува збор за движења или чувства. Па зошто не го земете фотоапаратот и не прошетате низ градот за да пронајдете нешто апстрактно? Никогаш не се знае што ќе пронајдете.