ОСНОВИ ЗА ФОТОГРАФИРАЊЕ

Знајте го својот стил: водич од инфлуенсер за привлечни фотографии

За секого има естетика, вие само треба да ја најдете својата. Инфлуенсерот на социјални медиуми Steffi Marla ни вели зошто ја привлекува „cottagecore“.
Жена во долг фустан и шешир за на сонце гледа кон левата страна додека стои во поле со сончогледи.

Понекогаш, за навистина да се пронајдете себеси, треба да се вратите кон своите почетоци. Ова особено важеше за Steffi Marla. Креаторката на содржини од Германија собра повеќе од 99.500 следбеници онлајн поради нејзините романтични „cottagecore“-слики, инспирирани од нејзиното рурално детство. Со гледање на нејзините фотографии - автопортрети во селски сцени што се менуваат со годишните времиња, од есенски шуми до летни ливади - не би помислиле ниту за момент дека живее во динамичниот Берлин.

„Пораснав на фарма и се преселив во Берлин кога имав 20 години“, вели Steffi, којашто е и фризерка и мајка на две деца. Нејзиното фотографско патување навистина започна по раѓањето на нејзиното второ дете, кога започна да го документира семејниот живот. Првично, таа беше несигурна додека ги објавуваше фотографиите на социјалните медиуми, но нејзините слики брзо станаа популарни. „Сметам дека социјалните медиуми се одлична платформа за запознавање други луѓе, разменување идеи и пробување нови нешта. Станав зависник“, вели таа ентузијастично.

Естетски привлечна и доследна мрежа на социјални медиуми може да ви помогне да го зголемите бројот на следбеници и да поставите свој идентитет и бренд, а како се прави тоа? Steffi споделува врвни совети и нѐ води низ процесот.

Препознајте своја естетика

Жена облечена во долг розов фустан седи на бело ќебе покриено со цвеќиња, храна и пијалаци за пикник. Се наоѓаат на мала ливада потпрени на големо дрво.

Природното опкружување ги инспирира сликите на Steffi. „Ме инспирираат годишните времиња и општите услови“, вели таа.

Бело ќебе седи на трева, покриено со многу цвеќиња, отворена книга, шешир со широк раб и голем избор на храна за пикник и две чаши со разнобојни газирани пијалаци.

Steffi оди на Pinterest кога ѝ се потребни идеи. „Станува сѐ потешко да се фотографираат нови и интересни нешта, но тоа не ме спречува“, вели таа. „Ги правам нештата во кои уживам, а тоа е најважно“.

Едноставно речено, вашата естетика е вашиот стил. „Cottagecore“ се карактеризира со идеализиран традиционален рурален животен стил, „dark academia“ се истакнува со блејзери од твид и стари книги со кожни корици, е-девојките се поврзани со аниме, а „normcore“ претпочита едноставност наместо истакнување од останатите. Иако конвенционално се поврзува со модата, вашиот стил не е поврзан само со облеката што ја носите. Ако сте креатор на содржини, тоа се пренесува преку сите елементи на вашите слики - од локациите, до палетата на бои, квалитетот на светлината, композицијата и опремата што ја избирате за да го постигнете посакуваниот стил. Има огромен избор на естетика, поради што е лесно да се изгубите. „Размислете во што уживате и што ве прави да се чувствувате добро“, предлага Steffi. „Не слушајте ги другите“.

За време на пандемијата со КОВИД-19, Steffi посака да се врати назад во природата, кон своето селско потекло. „Јас и семејството уште повеќе одевме на село и го обожавав тоа“, вели таа. „Има толку многу убавина што ни е на праг“.

Содржините со „cottagecore“ започнуваат со начинот на кој Steffi се претставува во кадарот - позирајќи надвор со старомоден велосипед, плетена торба или книга во рацете, со долга коса лабаво врзана во пунџа, лелеави фустани и здолништа изработени од органски текстил.

„Ми требаше долго време да го најдам својот тековен стил“, признава Steffi. „Започнав со урбано фотографирање, но потоа, сликите станаа поромантични и цвеќињата станаа дел од нив. Сѐ повеќе и повеќе ја вклучував природата, а со текот на времето, се сместив и себеси во сликата."

Ако развивате своја естетика, печатењето слики може да ви помогне да го разјасните и подобрите изгледот. Ништо не се споредува со печатењето, изложувањето и „живеењето“ со вашите слики за да откриете што функционира, а што не функционира.

Нека вашата естетика го поттикне секој избор

Жена што носи плетен шешир седи на ќебе за пикник и чита книга под дрво со виолетови цветови.

Steffi фотографира во JPEG-формат на нејзиниот Canon EOS R пред да ги префрли сликите во нејзиниот паметен телефон. Таа ги уредува фотографиите во Adobe Photoshop Lightroom*, каде што има зачувано свои однапред поставени параметри за да одржи доследност. Фотографирано со Canon EOS R, адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив Canon EF 85mm f/1.4L IS USM, со избрани 1/500 сек., f/4 и ISO 100. © Steffi Marla

Жена ги држи страничните делови на нејзиниот син фустан додека оди под црешови дрвја.

Боите се важни за Steffi бидејќи тие се најважната карактеристика за која било естетика. „Црешовите дрвја, на пример, прекрасно цветаат напролет; обожавам да танцувам под нив облечена во син фустан“, вели таа. „Секогаш проверувам дали боите му припаѓаат на истото семејство бои. Свежи и пастелни напролет, топли и придушени наесен.“ Фотографирано со Canon EOS 6D Mark II и објектив Canon EF 50mm f/1.8 STM со избрани 1/640 сек., f/3,5 и ISO 100. © Steffi Marla

Според Steffi, боите се клучни, а таа се труди да остане во едно „семејство на бои“ во нејзините слики. „Хармонизираните бои ми се многу важни“, објаснува таа. „Мојата облека соодветствува со опкружувањето. Се прашувам 'Кои бои ги сакам овде?' Во зелена ливада, сакам да се облечам во усогласена или комплементарна боја. Фотографирав магнолии додека бев облечена во светловиолетов фустан, што функционираше многу добро“.

Не станува збор само за тоа што фотографирате за да им дадете препознатлива естетика на вашите слики, туку и како фотографирате. Steffi сака да го комбинира нејзиниот Canon EOS R со објектив Canon EF 85mm f/1.4L IS USM преку адаптерот за монтирање објективи EF-EOS R од Canon. „Фотографиите изгледаат неверојатно, а и многу ми се допаѓа заматената заднина“, вели таа. „Кога барам прекрасни места, се обидувам да пронајдам рамнотежа во кадарот. Често размислувам за Golden Ratio. За да се подготвам, размислувам каде одам и какви се условите. Во тесен простор, ми треба поширокоаголен објектив и простор за манипулација, како што е објективот од 50 mm. Ако имам многу простор, го земам објективот од 85 mm“.

Инспирацијата може да дојде во кое било време, поради што Steffi препорачува да носите дополнителна опрема или реквизити со кои можете да експериментирате на место и да видите што најдобро функционира за вашата снимка.

Бидете доследни за да го зголемите бројот на следбеници на социјалните медиуми

Жена држи печурка во раката, завртена на десна страна додека седи на паднато стебло на дрво во шума.

Сликите на Steffi ја будат фантазијата и претставуваат мелем за нејзините следбеници во неизвесни и стресни времиња. „Важно е да барате пауза и да им дозволите на прекрасните нешта да се случат“, објаснува таа. Фотографирано со Canon EOS R, адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив Canon EF 85mm f/1.4L IS USM, со избрани 1/160 сек., f/1,8 и ISO 100. © Steffi Marla

На патека со дрвја од двете страни, жена ги држи рачките на велосипед и гледа наназад кон фотоапаратот, насмевнувајќи се.

Steffi работи сама, без помошник. „Го поставувам Canon EOS R на статив и ја активирам блендата со мојот мобилен телефон на апликацијата Canon Camera Connect“, вели таа. „На тој начин, секогаш гледам дали сум правилно поставена“. Фотографирано со Canon EOS R со адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив Canon EF 85mm f/1.4L IS USM со избрани 1/1600 сек., f/2,5 и ISO 100. © Steffi Marla

Иако сликите на Steffi се разликуваат со годишното време и поставките, постојат одредени општи елементи од кои не се оддалечува. „Заднината е многу важна, исто како и боите и светлината“, вели таа. „Додатоците се одлични. Шешир, книга, шал или еден куп цвеќиња може да направат фотографија поинтересна. Исто така, претпочитам да се фотографирам без странци, идеално“.

Ова придонесува до атмосфера што е доследна низ нејзините страници на социјалните медиуми. Тоа ги привлекува следбениците и ги тера да се вратат. „Моите следбеници исто така го сакаат овој романтичен, тивок живот“, вели таа. „Многумина мечтаат за малку повеќе мир и идеален свет. Можете да се замислите во моите слики“.

Привлечноста на социјалните медиуми лежи во тоа што се разговорни. Steffi прави повеќе од емитување. Иако жонглира со семејниот живот и работата, таа се труди да комуницира со следбениците, одговарајќи на сите што коментираат на нејзините објави. „Дружељубива сум и секогаш се трудам да бидам активна“, вели таа. „Објавувам редовно и се обидувам да покажам нешто лично“.

Бидете верни на себе

„Мислам дека, потсвесно, секогаш еволуирате и не можете да ги избегнете промените“, вели Steffi. „Лично, мене ми е возбудливо да видам како мојот стил се менува со текот на времето“.

Имајќи го тоа предвид, еволуцијата треба да биде постепена. Откако ќе изберете естетика, вашите следбеници ќе ја бараат таа естетика од вас, поради што треба да изберете нешто што навистина се совпаѓа со вашиот карактер. „Обожавам кога сликите или ситуациите зрачат хармонија, особено кога има рамнотежа од бои, пропорции и светлина“, вели Steffi.

Секоја слика што ќе ја споделите треба да биде вградена во вашата естетика. Вашата естетика треба да ја поткрепи секоја фотографска одлука што ќе ја донесете, да влијае на локацијата, композицијата и многу повеќе. Филозофијата ги обликува вашите содржини, па затоа, што и да изберете, прифатете го целосно.

Напишано од Rachel Segal Hamilton

*Adobe, Photoshop и Lightroom се или регистрирани заштитни знаци или заштитни знаци на Adobe во САД и/или други земји.

Слични производи

  • Фотоапарати без огледало

    EOS R

    Фотоапарат без огледало за целосна слика кој отвора нови креативни можности за фотографите и снимателите.
  • Стандарден објектив

    RF 50mm F1.8 STM

    Компактен, тивок и лесен примарен RF-објектив од 50 mm, со широка решетка од f/1,8, што е совршен за реализирање на вашата креативна замисла.
  • Објективи RF

    RF 85mm F2 MACRO IS STM

    Објективот RF 85mm F2 MACRO IS STM нуди разновидни опции за фотографирање одблиску со дискретна телефото компресија и стабилизација на слика со 5 чекори, вградени во компактно и лесно куќиште.

Слични статии

  • ОСНОВИ ЗА ФОТОГРАФИРАЊЕ

    Прифатете го седумдневниот предизвик во фотографирање

    Фотографот Ellis Reed открива како да излезете од креативната комфорна зона и да снимате поинаква содржина секој ден.

  • ФОТОГРАФИРАЊЕ ПОРТРЕТИ

    Снимајте подобри автопортрети

    Тиктокерката Nina Collins објаснува како да снимате креативни автопортрети дома.

  • ТЕХНИКИ ЗА ОСВЕТЛУВАЊЕ

    Фотографирање при достапна светлина

    Дознајте како да ја барате и доловите најдобрата светлина за да го подобрите изгледот на вашите фотографии.

  • ФОТОГРАФИРАЊЕ ПОРТРЕТИ

    Портрети како од бајките

    Десет врвни совети за создавање впечатливи митски слики со Rosie Hardy.