Ása сака да внесе малку боја во нејзините пејзажи, што најчесто го постигнува преку носење светла облека, како што може да се види од фотографијата. „Со другар ми бевме на планинарење во Сења каде што ја снимив оваа извонредна фотографија од него како стои на работ на карпа“, вели таа. Снимено со EOS-1D X Mark II од Canon и објектив EF 16-35mm f/2.8L III USM од Canon, со избрани 16 mm, 1/250сек., f/2,8 и ISO 200. © Ása Steinars
Ása Steinars не била секогаш воодушевена од Исланд. Кога се доселила од Норвешка на седумгодишна возраст, имала впечаток дека живее во гратче, а не во држава. Сепак, со враќањето дома по години поминати на работа во странство, започнува да ја гледа земјата на огнот и мразот во ново прекрасно светло.
Денес, благодарение на фотографиите и видеозаписите од авантурите дома и во странство, на социјалните медиуми ја следат 700 000 корисници. Со усовршувањето на нејзините автопортрети во природа, преку коишто ги претвора скромните автопортрети во величествени фотографии од скандинавски пејзажи, нејзините профили на Instagram и TikTok секојдневно им оддаваат признание на неверојатните чуда на Исланд, од кратери, вулкани и плажи со црни песоци до фјордови, глечери и водопади.
На нејзините фотографии често можат да се видат луѓе, а најчесто и таа самата. Ова не се обични автопортрети, туку го покануваат гледачот да се стави во нејзина положба, што е особено важно кога објавувате на социјалните медиуми. „Целта ми е гледачот да се замисли себе си во сликата, да посака да отиде таму и да ја искуси природата, наместо да ја гледа оддалеку“, вели Ása.
За да го постигне ова, фотографиите на Steinars најчесто активираат едно или повеќе сетила, па така имате впечаток дека можете да ја почувствувате топлината на логорскиот оган на студен ден, да го слушнете водопадот или да го вкусите топлото кафе по долго планинарење. „За мене“, вели Steinars, „фотографијата треба да предизвика чувства како желба за патување, среќа или инспирација да излезете и да планинарите. Фотографирањето природа секогаш е поврзано со истражување на природата, па во фотографиите сакам да додадам некој којшто ќе ја раскаже приказната зад авантурата.
Тука Ása го објаснува својот начин на работа и споделува совети за фотографирањето пејзажи коишто ќе ви помогнат да ги подобрите вашите фотографии за да можете да ја видите природата во сосема поинакво светло.