Терминот „bokeh“ е јапонски збор што значи „заматување“ и се користи за да се опише изгледот на деловите од фотографиите што не се во фокус. „Bokeh“ - што најчесто се изговара за да се римува со OK - најмногу може да се забележи во фотографии со многу мали светилки, како што се уличните светилки навечер. Но, не се однесува само на кружни светли тонови, туку и на квалитетот на сите заматени делови на сликата.
Што поточно е фотографирањето со заматување? Фотографирањето со опфаќање на овие заматени површини е еден од најатрактивните ефекти што можеме да ги примениме во фотографирањето. Тој ни овозможува да го прикриеме нередот што го одвлекува вниманието, да го насочиме вниманието кон важните делови од сликата и да ги претвориме непотребните детали во прекрасни и кремасти бои и тонови.
ОСНОВИ ЗА ФОТОГРАФИРАЊЕ
Бидете креативни кога фотографирате со заматување
Поради тие причини, заматувањето одамна е еден од најмоќните визуелни трикови во репертоарот на фотографите. Денес, паметните телефони со две леќи можат да симулираат заматување, но тоа го прават само софтверски. Со малите леќи и сензори што се вградени во паметните телефони не е возможно да се создаде малата длабочина на поле што е потребна за добивање природно заматување. Тоа е оптички ефект што може да се добие само со побрзите објективи и сензори што ги добивате со наменски фотоапарати и ниту една симулација не е подобра од вистинскиот ефект.
Фотоапарати за целосна слика, како што се Canon EOS R8 и EOS R6 Mark II се идеални за фотографирање со заматување, но и фотоапарати во формат APS-C како што се Canon EOS R100, EOS R50, EOS R10 и EOS R7 можат да бидат многу ефикасни.
Тука ќе разгледаме неколку важни техники, како и вештини и опрема за фотографирање што ви се потребни за да ги подобрите вашите фотографии со привлечно заматување.
- Најдобри објективи за заматување
- Најдобрите поставки на фотоапаратот за заматување
- Приспособете го растојанието
- Поставете ја најдобрата фокусна должина
- Создавање заматување во преден план
- Создавање заматување во видеозаписи
- Како да создадете заматени светли тонови
- Создавање приспособени дефокусирани облици
- Фотографирајте мртва природа со заматување
Најдобри објективи за заматување
За да создадете привлечно заматување ви треба „брз“ објектив, односно објектив со широка максимална решетка, идеално f/2,8 или поширока (помала вредност на f). Ова е една од главните причини за додавање брз примарен објектив (со фиксна фокусна должина) во вашата торба со опрема, дури и ако неговата фокусна должина веќе е опфатена со некој од вашите други објективи за зумирање.
Брзи објективи со фокусна должина од 50 mm или повеќе се, општо земено, најдобри за фотографирање со заматување, бидејќи заматувањето на заднината може да е потешко со широкоаголни објективи. Тоа е бидејќи пократките фокусни должини произведуваат поголема длабочина на поле при кое било фокусно растојание и решетка, така што поголем дел од сцената од предниот план до заднината ќе се прикаже остро и ќе добиете помал ефект на дефокусирање.
Меѓу врвните достапни објективи за заматување се Canon RF 50mm F1.8 STM и RF 85mm F2 MACRO IS STM. Но, не игнорирајте ги широкоаголните објективи. И RF 35mm F1.8 MACRO IS STM и RF 24mm F1.8 MACRO IS STM одлично создаваат заматена заднина при фотографирањето одблиску, бидејќи длабочината на поле се намалува со пократки фокусни растојанија.
За слики снимени на екстремно мало растојание, многу кратка фокусна должина произведува многу мала длабочина на поле, што го максимизира потенцијалот на заматувањето, така што функциите за макро до 0,5x на објективите RF 85mm F2 MACRO IS STM, RF 35mm F1.8 MACRO IS STM и RF 24mm F1.8 MACRO IS STM се истакнуваат. Објективот Canon RF 16mm F2.8 STM е добра опција за приближување до главниот субјект во сцената и за изолирање на истиот наспроти заматена, но пространа заднина, благодарение на широкото видно поле. Ова може да воведе уште еден креативен елемент во комбинацијата.
Воглавно, објективите што имаат решетка со повеќе сечила создаваат поубаво кружно заматување, бидејќи сите точки дефокусирана светлина ја отсликуваат формата на решетката. Ова не е проблем ако фотографирате со максимален отвор на блендата - односно, со максималната решетка (најмала вредност на f), кога отворот секако е кружен - но нема секогаш да фотографирате така. Можете да пронајдете колку сечила има вашиот објектив доколку ги побарате неговите спецификации на веб-страницата на Canon. Седум сечила се одлични за привлечно заматување, но уште подобро е да има девет сечила. Двата гореспоменати објективи имаат по девет сечила на решетката, а другите имаат по седум.
Практичната алатка за избирање објективи од Canon ви овозможува да ги приспособите препораките за објектив врз основа на вашиот фотоапарат и жанрот во кој сакате да фотографирате.
Најдобрите поставки на фотоапаратот за заматување
Вашиот избор на решетка ќе има големо влијание врз изгледот на заматувањето во вашите фотографии. Колку е поширока решетката (односно, колку е помала вредноста на f), толку помала ќе биде длабочината на полето, што значи дека заднината ќе биде повеќе заматена. Затоа треба да фотографирате или во режим со приоритет на решетката (Av) или во рачен режим и треба да изберете широка решетка (мала вредност на f).
Во режимот со приоритет на решетката (Av), можете да го поставите ISO на автоматски, така што ова е добро место за почеток за да видите дали брзината на блендата е доволно голема за вашите потреби. Или, пак, во рачниот режим (M) со автоматско ISO може да ја поставите и решетката и брзината на блендата, а потоа да го оставите фотоапаратот да ја одреди соодветната вредност на ISO. Поентата е да изберете широка решетка и брзина на бленда што ќе биде доволно брза за да ви овозможи фокусираните површини на сликата да останат остри при рачно фотографирање (изберете приближно 1/200 сек).
Променете ја оддалеченоста за да добиете подобро заматување
Зголемувањето на растојанието помеѓу вашиот субјект и заднината уште повеќе ќе ја замати заднината. Друг фактор е и растојанието помеѓу субјектот и вашиот фотоапарат. Колку поблиску е вашиот објектив до субјектот, толку е поплитка длабочината на полето. Тоа значи дека заднината побрзо ќе се дефокусира. За да заматите поголем дел од сликата, приближете го субјектот поблиску до вашиот фотоапарат и оддалечете го од заднината.
Поставете ја најдобрата фокусна должина за заматување
Подолга фокусна должина произведува потесна длабочина на поле, што може да води до поголемо заматување на заднината. Ова е причината поради која објективите со телефото зум може да се користат за ефикасно изолирање на субјектот и претворање на заднината во заматена површина без детали. На пример, објективот Canon RF-S 18-150mm F3.5-6.3 IS STM може да произведе извонредно заматување на заднината ако го користите кон долгиот крај на неговиот опсег на зумирање, дури и ако решетката е потесна при таа должина. Затоа, ако сакате да добиете посилно и подобро заматување, оддалечете се неколку чекори и зумирајте (или ставете друг објектив) со поголема фокусна должина.
Како да создадете заматување во преден план
Заматувањето главно се смета како естетска заднина, но може ефикасно да се користи и во преден план на кадарот. Ако во кадарот опфатите дефокусирани детали во преден план, тогаш ќе го насочите вниманието кон вашиот остро фокусиран субјект. За да ги опфатите заматените детали во преден план можеби ќе треба да го доближите фотоапаратот до лисја или да го спуштите на земја. Меките детали како овие внесуваат чувство на длабочина во сцената и се одличен начин за внесување нагласени и заматени бои во вашата слика.
Како да создадете заматување во видеоснимките
Длабочината е најважна и во снимањето видеоснимки, бидејќи им помага на гледачите да се ориентираат во сцената. Вметнувањето дефокусирани детали во предниот план и во заднината на сцената е одличен начин за засилување на чувството на длабочина и насочување на вниманието во кадарот. Освен тоа, заматените светли бои изгледаат исто толку убаво во видеоснимките како и во фотографиите, но овде можат и да се движат. Фаровите на автомобилите, новогодишните светилки и другите точки на силна светлина изгледаат навистина прекрасно кога ќе се заматат во трепкачки точки на силно нагласено заматување.
Како да создадете заматени светли тонови
Еден од најинтересните начини да создадете заматување во вашите фотографии е да опфатите мали точки на силна светлина наспроти темна заднина или при слаба светлина. Ова е прекрасен ефект што може да го пронајдете во најразлични ситуации, на пример, кога сончевата светлина продира низ дрвјата, улица полна со луѓе навечер, забавен парк со разнобојни светилки или свеќи на торта. Ако сакате сами да го создадете ефектот, тогаш обидете се да го постигнете тоа со новогодишни светилки. Позиционирајте ги во заднина на сцената или во преден план или, пак, на двете места истовремено. Кога ќе ги дефокусирате светилките, тие се претвораат во убави заматени кругови.
Како да создадете приспособени форми на заматување
Кога фотографирате со најширок отвор на блендата на објективот (со максимална решетка), треба да добиете кружно заматување во вашите слики бидејќи отворот е кружен. Во спротивно, формата на заматувањето се одредува со бројот на сечила на решетката на објективот - колку повеќе сечила има решетката, толку позаоблена форма добива при отворањето, а на тој начин добивате и позаоблено заматување. Во пракса ова најчесто значи дека заматените светли тонови се заоблени или шестоаголни - ако сакате да видите каква форма ќе има заматувањето, откачете го објективот од фотоапаратот, насочете го кон извор на светлина и погледнете низ него.
Но, зошто не бидете креативни и не ја промените формата на заматувањето? Ова може да го направите со сечење шаблон во каква било форма што ќе го прицврстите на предниот дел на објективот. Во оваа видеоснимка, заматувањето се претвора во голем број разнобојни ѕвезди и снегулки со помош на парче картон.
Пробајте веднаш: фотографирајте мртва природа со заматување
Видовме дека дефокусираните точки светлина создаваат прекрасно заматување ако фотографирате со соодветни поставки. Еве еден едноставен пример што може да го пробате дома за да снимите мртва природа со заматување. Ставете некој предмет на рефлективна површина, а потоа ставете парче згужвана фолија во заднината (не треба да биде премногу згужвана - згужвајте ја само неколку пати за да може да ја распрска светлината наместо да ја рефлектира). Насочете една столна лампа кон фолијата и друга кон субјектот за да го осветлите (ние употребивме LED-панел, но може и обична лампа). Ставете го фотоапаратот блиску до субјектот, поставете го во режим за приоритет на решетка (Av), изберете широка решетка - идеално околу f/1,8 - и фотографирајте од низок агол за да го доловите прекрасниот ефект на заматување.
Напишано од James Paterson и Matthew Richards