ФОТОГРАФИРАЊЕ ПОРТРЕТИ

Како да доловите природни тонови на кожата на вашите портрети

Доловувањето природни тонови на кожата е еден од најголемите предизвици во фотографирањето портрети. Jade Keshia Gordon нуди пет совети за добивање одлични резултати.
Портрет на жена со долги плетенки, облечена во краток розов џемпер и сиви фармерки, која пешачи по улица.

Фотографирањето природни и прецизни тонови на кожата е еден од најголемите предизвици во фотографирањето портрети. Невообичаеното осветлување и чудните нијанси на боите може да ѝ дадат блед изглед на кожата на субјектот на вашиот портрет, чиешто коригирање може да одземе драгоцено време во обработката по фотографирањето. Но, иако не можеме сите да си дозволиме да имаме шминкер на повик, постојат бројни начини на кои можете да добиете свежи и чисти тонови директно од вашиот фотоапарат EOS и да го намалите обемот на потребно ретуширање.

Овде, наградуваната фотографка за мода и убавина Jade Keshia Gordon нуди пет едноставни совети за снимање фотографии со совршени тонови на кожата. Таа објаснува дека има различен пристап кон црната, белата и мешаната кожа и како го поставува својот фотоапарат EOS за доследни резултати.

Следете го советот на Jade и ќе можете да снимате фотографии со совршени тонови на кожата за многу кратко време!

1. Избегнувајте силна и директна светлина

Жена со долги плетенки во краток розов џемпер која позира со рацете од двете страни на главата.

Фотографирањето при природна светлина е одличен начин за осветлување на вашите субјекти и ѝ дава реалистичен тон на кожата. Снимено со EOS R6 од Canon и објектив RF 85mm F1.2L USM од Canon со избрани 1/640 сек., f/1,4 и ISO320. © Jade Keshia Gordon

Жена со долги плетенки облечена во сина маичка.

Силната и директна светлина може да предизвика несакани сенки - облачниот ден и нежното осветлување од страна ќе создадат помеки и посоодветни сенки коишто овозможуваат да се дефинира обликот на лицето и цртите. Снимено со EOS R6 од Canon и објектив RF 85mm F1.2L USM од Canon со избрани 1/1000 сек., f/1,2 и ISO320. © Jade Keshia Gordon

Помеката светлина е генерално попривлечна. Снимањето на отворено на светол, но облачен ден, ќе овозможи дифузна светлина што одговара на сите видови тонови на кожата. На сончеви денови, каде што светлината е нефилтрирана и премногу силна, подобро е да најдете блага сенка за да избегнете сенки и светли точки на лицата.

„Кога станува збор за тонот на кожата, најважната работа е осветлувањето“, потврдува Jade. „Ако е насочено директно кон лицето на вашите субјекти кои имаат посветла кожа, тие може да изгледаат избледено. Затоа, треба да бидете подготвени да ја намалите експозицијата или, пак, да го поместите субјектот, така што светлината ќе доаѓа од зад нив.

„Кога работам во студио сакам да користам две светла, едно светло зад субјектот, осветлувајќи ја заднината, и параболично светло од предната страна, малку понастрана од центарот на моделите за да им го осветлат лицето“.

2. Правилна експозиција за различни тонови на кожата

Моден портрет на жена облечена во светлосин фустан. Нејзината коса е кадрава и фатена со шноли.

Не користете универзален пристап за различни тонови на кожата во портретите - изберете најдобро осветлување, експозиција и баланс на белата боја за различни тонови. Снимено со EOS 5D Mark IV од Canon и објектив EF 100mm F2.8L Macro IS USM од Canon со избрани 1/125 сек., f/4,5 и ISO50. © Jade Keshia Gordon

Портрет на жена облечена во голема бунда којашто ги држи своите бели очила за сонце со долгите нокти.

Jade вели дека најважната работа што треба да ја имате предвид е поставката за експозиција - немојте да користите прекумерна експозиција на посветлите тонови на кожата. © Jade Keshia Gordon

Jade редовно фотографира модели со различни тонови на кожата и користи различен пристап за секоја од нив.

„Важно е да избегнувате прекумерна експозиција на бела кожа кога фотографирате портрет“, објаснува таа. „Треба да се погрижите да се гледаат текстурите и пегите или шминката. Ако светлите тонови потемнат, ќе биде тешко или невозможно да ги обновите“.

„За црн тон на кожа потребно е повеќе светлина“, продолжува Jade. „Црната боја апсорбира светлина, па затоа треба да имате доволно светлина за да ги истакнете цртите. Меѓутоа, премногу светлина ќе изврши прекумерна експозиција на кожата и ќе ги избледи цртите.

„Имам забележано дека задното осветлување е совршено за мешани тонови на кожата, без разлика дали станува збор за студиско светло или за сонцето. Тоа зрачи соодветна светлина околу страните на лицето, а можете да користите и рефлектор за да рефлектирате дел од таа светлина кон лицето“.

3. Користете го портретскиот стил на слика

Портрет на жена со долги плетенки облечена во розов џемпер и сиви фармерки на улица.

Оваа фотографија е снимена со помош на портретскиот стил на слика што ги прави боите малку потопли. Снимено со EOS R6 од Canon и објектив RF 85mm F1.2L USM од Canon со избрани 1/640 сек., f/1,4 и ISO320. © Jade Keshia Gordon

Портрет со поладни бои на жена со долги плетенки, облечена во розов џемпер и сиви фармерки на улица.

Оваа фотографија е снимена со помош на стандардниот стил на слика така што боите се малку побледи, но пореалистични. Снимено со EOS R6 од Canon и објектив RF 85mm F1.2L USM од Canon со избрани 1/640 сек., f/1,4 и ISO320. © Jade Keshia Gordon

Изборот на една од однапред поставените опции за стил на слика на фотоапаратот опфаќа цела низа поставки - секој стил на слика нуди различен спој од острина, контраст, заситеност и тон на бои и тие може да имаат значително различни ефекти врз тонот на кожата на портрет. Како што можеби очекувавте, портретскиот стил на слика е оптимизиран за фотографии што вклучуваат луѓе, со умерено намалена острина и малку зголемена осветленост за да се добие кожа со помек изглед.

„Овде ја претпочитам поставката за портрет бидејќи тој што го снимив со помош на стандардниот стил на слика изгледаше малку бледо“, вели Jade. „Портретот нежно го засилува секој црвен поттон на сликата. Розовата маичка на моделот ја прикажува во најдобро светло, а бидејќи таа е црна, засилувањето на црвената боја овозможува да се подобри тонот на нејзината кожа без ја направи премногу портокалово-црвена“.

Ако забележите дека зададениот портретски стил на слика создава премногу црвеникави или жолтеникави тонови на кожата во постојните услови на осветлување, употребете го лизгачот за тон на бои во менито за стил на слика за да извршите корекција.

4. Поставете го балансот на белата боја рачно

Портрет на жена со долги плетенки во розов џемпер.

Оваа слика е снимена со помош на поставката за баланс на белата боја при дневна светлина, што нуди реалистични бои. Снимено со EOS R6 од Canon и објектив RF 85mm F1.2L USM од Canon со избрани 1/640 сек., f/1,2 и ISO320. © Jade Keshia Gordon

Портрет на жена со долги плетенки во краток розов џемпер, со потопол баланс на белата боја.

Оваа слика е снимена со помош на поставката за баланс на белата боја во сенка, што ги прави сите бои на портретот потопли (попортокалови). Снимено со EOS R6 од Canon и објектив RF 85mm F1.2L USM од Canon со избрани 1/640 сек., f/1,4 и ISO320. © Jade Keshia Gordon

За доследни бои на кожата, изберете однапред поставен параметар за баланс на белата боја што одговара на условите на осветлување или создајте ваш параметар со помош на опцијата за прилагодување на балансот на белата боја во главното мени на фотоапаратот. Сè додека осветлувањето не се промени, ќе ги добивате истите резултати при секое фотографирање.

Ако функцијата за баланс на белата боја ја поставите на автоматски, фотоапаратот ќе ја прилагоди температурата на боите за да ги отстрани несаканите нијанси на боја. Тоа може да создаде тонови на кожата што се премногу „топли“ (портокалови) или премногу „ладни“ (сини). Ако фотографирате во RAW-формат можете да го промените балансот на белата боја подоцна при уредувањето, но ако правилно го поставите на фотоапаратот ќе добиете попрецизен преглед.

„Во овие примери можете да го видите ефектот што различниот баланс на белата боја го има врз тонот на кожата на моделот“, објаснува Jade. „Јас повеќе ги сакам резултатите што се добиваат со поставката за дневна светлина бидејќи не ја избледува и не ѝ дава премногу портокалов тон. Само малку ги засилува боите и е поблиску до тоа што го гледав“.

5. Фотографирајте во RAW-формат

Лице кое држи EOS R6 од Canon и го поставува фотоапаратот за фотографирање во RAW-формат.

Фотографирањето во RAW-формат значи дека фотоапаратот ги зачувува сите детали на тоновите и боите снимени од сензорот, што ви дава поголема слобода кога ја обработувате сликата. © Jade Keshia Gordon

Ако фотографирате во JPEG или HEIF треба точно да ги прилагодите поставките на фотоапаратот пред да фотографирате. Ова го вклучува просторот на бои којшто ја одредува палетата на бои што може да се прикаже на фотографијата. Ова можете да го поставите во главното мени на фотоапаратот.

Jade секогаш фотографира во RAW-формат и го препорачува дури и на почетници во фотографирањето портрети бидејќи го олеснува прецизното прилагодување на тонот на кожата подоцна. RAW-датотеките собираат повеќе информации за слики од JPEG-датотеките или HEIF-датотеките и можете слободно да ги прилагодувате параметрите на сликата како, на пример, балансот на белата боја, карактеристиките на боите и острината со помош на софтвер за обработка и уредување на RAW-слики, како што е Canon Digital Photo Professional, без да влијаете врз податоците за оригиналната слика.


Напишано од Marcus Hawkins

Слични производи

Слични статии

  • ТЕХНИКИ ЗА ОСВЕТЛУВАЊЕ

    Фотографирање при достапна светлина

    Дознајте како да ја барате и доловите најдобрата светлина за да го подобрите изгледот на вашите фотографии.

  • МОДНО ФОТОГРАФИРАЊЕ

    Фотографирајте ги вашите пријатели како модели

    Фотографката за мода и убавина Jade Keshia Gordon од Лондон нуди 6 едноставни совети за создавање постилски фотографии за друштвените медиуми.

  • УЛИЧНО ФОТОГРАФИРАЊЕ

    Совети за фотографирање улични портрети

    Најдобрите совети за снимање извонредни улични портрети од професионалниот фотограф Julian Love.

  • ФОТОГРАФИРАЊЕ ПОРТРЕТИ

    Совети за фотографирање портрети

    Подобрете го вашето фотографирање портрети со овие врвни совети и техники.