„Сакам да користам тема со бои кога снимам одгоре“, вели Chris Priestley. „Најпрво ги лоцирам клучните бои на главниот производ. Бидејќи броевите на црвениот часовник беа бели, знаев дека добро ќе се вклопат со бела заднина. Не можев да ги најдам саканите додатоци во бела боја, па ги обоив со спреј карабинерот, компасот и вештачките лисја за да ја оформам целината на сликата.“ Снимено со EOS R5 од Canon и објектив RF 50mm F1.2L USM од Canon со избрани 1/200 сек., f/5,6 и ISO 100. © Chris Priestley
Фотографирањето одгоре е креативен начин за прикажување на секакви субјекти и производи, од шминка и накит, до храна и најави за раѓање на новороденчиња. Блогерите и создавачите на содржина на социјалните медиуми се богат извор на инспирација за овие видови на слики, но што треба да знаете ако сакате да дизајнирате и да стилизирате свои фотографии снимени одгоре и како да ги одвоите вашите фотографии од останатите фотографии на каналите на социјалните медиуми?
Тајната е во едноставноста, вели фотографот на производи и животен стил Chris Priestley, којшто заработува со снимање фотографии од перспектива одгоре и има 54.000 следбеници на Instagram и над 1 милион следбеници на TikTok. „Препорачувам што помалку додатоци во фотографиите снимени одгоре и избегнување заднини што го одвлекуваат вниманието.“
Секој може да се занимава со овој тип на фотографија. Не ви треба посебна опрема освен стандарден објектив, па дури и компактен фотоапарат, за да експериментирате со оваа фасцинантна техника. Всушност, започнувате со пенкало и хартија, како што објаснува Chris во првиот од шесте совети дадени подолу.