ТЕХНИКИ ЗА ОСВЕТЛУВАЊЕ

Водич за фотографирање со боење со светлина наменет за почетници

Боењето со светлина не е толку тешко колку што можеби мислите и за него не е потребна специјална опрема. Забавувајте се, експериментирајте и создавајте спектакуларни слики со помош на овие совети и трикови.
Слика одблиску од лик на жена, покриен со разнобојни траги од светлина, снимена со EOS R6 од Canon.

Светлината е најважната компонента на фотографирањето, но забавата не мора да запре со заоѓањето на сонцето. Со помош на џебна светилка или друг светлосен извор, може да излезете откако ќе се стемни и да ги обликувате своите слики така што ќе го движите светлото за да создадете облици што ви се допаѓаат. Не може да ги видите тие облици во реално време, но ако снимате со долга експозиција, може да ги снимите во фотоапаратот и да создадете уникатни слики. Техниката често се нарекува „боење со светлина“ или „сликање со светлина“.

Што е боење со светлина?

Долга експозиција од сообраќај што се движи по прометен пат и создава црвени и бели ленти.

Со помош на долгата експозиција може да ги трансформирате предните и задните светла на автомобилите во бели и црвени ленти. Боењето со светлина е слична техника, но вие го контролирате светлосниот извор. Снимено со фотоапарат EOS R6 од Canon и објектив RF 15-35mm F2.8L IS USM, со избрани 28 mm, 124 сек., f/16 и ISO 400. © Lorenz Holder - амбасадор на Canon

Во движењето има некаква магија. Можеби сте виделе фотографии во кои има траги од светлина. Тие најчесто се појавуваат кога автомобилите и другите возила што возат по патиштата навечер оставаат црвени и бели траги од светлина што се протегаат низ сликата. Боењето со светлина ја користи истата идеја, но ја издигнува на покреативно ниво, при што вие имате целосна контрола.

Како и со трагите од светлина, ќе треба да користите долга експозиција што ќе ви овозможи доволно време да ги доловите сите движења на изворот на светлина. Движењето може да биде какво што сакате, а може да користите бели или светилки во боја за да ја обоите сликата.

Што ви е потребно за успешно боење со светлина?

Жена позира пред фотоапарат од Canon, а маж држи осветлување зад нејзината глава.

Користењето статив може многу да помогне при снимањето долги експозиции бидејќи ќе избегнете тресење на фотоапаратот, а субјектот и заднината на сликата ќе останат остри.

Поврзувањето на вашиот фотоапарат со телефон или таблет преку апликацијата Camera Connect од Canon ви овозможува далечински да го контролирате фотоапаратот, но и ви го прикажува тоа што вашиот објектив го гледа на екранот, за да бидете сигурни дека вашето боење со светлина е добро компонирано и го исполнува кадарот.

Иако боењето со светлина претежно зависи од движењето, најчесто ќе ви треба и слабо осветлена заднина што ќе изгледа јасно во сликата. Затоа, ќе треба да го поставите фотоапаратот на статив или на друга стабилна површина. Ако вашиот објектив се одликува со оптичка стабилизација на слика (IS), најчесто најдобро е да ја исклучите кога снимате со долга експозиција. Најновите фотоапарати може да откријат кога се поставени на статив и самите ќе ја исклучат стабилизацијата на слика.

Како и за секоја техника за фотографирање, за боењето со светлина може да ви биде потребно вежбање. Може да ви помогне да ги планирате идните фотографии пред сонцето да зајде за да може да видите кои композиции најдобро функционираат. Кога ќе се стемни, поставете го фотоапаратот на статив и префрлете се во режимот за прегледување во живо за да може да ги прегледувате снимките на LCD-екранот на задната страна.

Различните опкружувања може да понудат алтернативен изглед за фотографиите со боење со светлина. Ако користите релативно кратко време на експозиција од приближно 10 секунди пред темна заднина, таа ќе остане темна и во конечната слика, со што целото внимание ќе биде насочено кон облиците што ги создавате со светилката. Подолгата експозиција со ноќен градски пејзаж или друга осветлена заднина може да додаде контекст во композицијата и да ѝ даде чувство на простор и време.

Добро би било да не го допирате фотоапаратот при снимањето со долга експозиција - дури и ако е поставен на статив - за да избегнете заматеност во сликата поради вибрациите.

Како да го поставите вашиот фотоапарат?

Фигура стои во темнина и врти со светилки за да создаде црвени и бели траги од светлина.

Откако ќе го поставите фотоапаратот на стативот или на цврста подлога, префрлете го во рачен режим (M) и поставете ја вредноста за ISO на 100 и мала решетка како што е f/11 или повисока. Експериментирајте со различни решетки и брзини на блендата пред да почнете да согледувате како различните поставки влијаат на резултатот, а постојано може да ги прегледувате снимените фотографии на екранот на задната страна на фотоапаратот. Имајте предвид дека фотографиите може да изгледаат посветло отколку што се кога го гледате екранот на фотоапаратот во темнина, така што може да ја приспособите светлината на екранот за да одговара на опкружувањето.

За повеќето ноќни снимки, препорачлива е широка решетка со мал f/број и високи ISO вредности за да може да ги замрзнете движењата благодарение на големата брзина на блендата. Кога боите со светлина, важи спротивното, бидејќи движењето е клучниот фактор што сакате да го доловите.

Изберете го рачниот режим на фотографирање (M) на фотоапаратот и користете ниска вредност за ISO, од 100 до 200. Поставете тесна решетка од приближно f/11 и поставете ја брзината на блендата помеѓу 10 и 30 секунди, во зависност од тоа колку време ви треба да ја создадете фотографијата со боење со светлина.

Ќе треба рачно да го поставите и фокусното растојание, затоа изберете го режимот MF. Однапред фокусирајте ја областа во која ќе ја користите светилката за да ја создадете фотографијата. На многу фотоапарати може да го активирате и издвојувањето при рачен фокус (издвојување при MF), визуелно помагало што ви покажува кои делови од сликата се во најостар фокус.

Добар креативен совет е рачно да ги изберете поставките за баланс на белата боја. На пример, користењето на поставките „дневна светлина“, „сенка“, „облачно“ и „вештачка светлина“ ефективно ќе ја промени температурата на боите и ќе овозможи ефект на потопли или постудени бои. Ако таа опција е достапна на вашиот фотоапарат, фотографирајте во режим за RAW-квалитет, кој ви овозможува да ги промените поставките за баланс на белата боја при обработката на сликата во софтвер за уредување како што е Canon Digital Photo Professional.

Почнете едноставно, со помош на поставките на фотоапаратот што ви ги предложивме и користете го блицот на вашиот паметен телефон за да создавате основни форми, па дури и да си го напишете името со светлото. Може да согледате дека ви е потребна пократка или подолга експозиција или поширока или потесна решетка за да го добиете посакуваниот ефект. Експериментирајте со поставките и наскоро ќе добиете претстава за она што најмногу ви одговара.

Кој субјект и каков светлосен извор да изберете?

Светилка со залепени чашки во повеќе бои.

Ако немате светилка во повеќе бои во домот, може лесно да ја создадете со помош на чашки или слични предмети во повеќе бои, како што се садови за чување храна, ткаенини или разнобојни украсни светилки.

Лалиња во градина, врамени со траги од светлина.

Кога вие ракувате со фотоапаратот додека други луѓе бојат со светлина, обидете се да користите експозиција со светилка подолга од 30 секунди и повремено да го покривате објективот со шапка или друг предмет. Ова ќе ви овозможи да создадете композиција во одделни, селективни сегменти, наместо да се обидете да опфатите сѐ во една континуирана секвенца. Снимено со EOS 90D од Canon и објектив EF-S 18-135mm f/3.5-5.6 IS STM од Canon со избрани 71 mm, 83 сек., f/22 и ISO 100.

Користете ја градината како простор за вежбање и фотографирајте ги цветовите, дрвјата или другите живописни растенија. Ако сакате да бидете креативни, обидете се да поставите обоени пластични чашки или хартија пред светилката за да создадете светлосно стапче со кое може да мавтате при долгата експозиција за да создадете живописни ленти и облици.

Осветлете го субјектот со светилката и поставете го автоматскиот фокус на него. Кога ќе завршите со тоа, префрлете со во режимот MF за да го заклучите фокусното растојание. Ако сакате експозицијата да трае повеќе од 30 секунди, изберете го режимот за експозиција со светилка, ако фотоапаратот го поддржува.

Започнете ја експозицијата и почнете да ја движите светилката или другиот светлосен извор низ кадарот. Живописните украсни светилки може да додадат креативност. Добар ефект може да се постигне ако мавтате со нив или со друг светлосен извор зад предметите, за тие да изгледаат како силуети. Ако сакате да додадете повеќе светлина во одреден дел од сцената, тогаш насочете ја светилката на тоа место неколку секунди пред да ја насочите кон зеленилото и другите области за да создадете живописна заднина.

Долга експозиција од осветлен излог со сини траги создадени со зумирање и одзумирање.

Друга можност за боење со светлина е снимањето статични светла и движење на фотоапаратот при долгата експозиција за да се создадат траги од светлина. Обидете се да го ротирате фотоапаратот во хоризонтална и вертикална ориентација или во целосен круг. Може и да зумирате или одзумирате ако користите објектив за зумирање за да создадете алтернативен ефект со траги од светлина. Снимено со EOS 5D Mark III од Canon (сега е заменет со новиот EOS 5D Mark IV од Canon) и објектив EF 70-200mm f/2.8L IS II USM од Canon (сега е заменет со новиот EF 70-200mm f/2.8L IS III USM од Canon) со избрани 135 mm, 0,6 сек., f/22 и ISO 200.

Фотографија од речиси целото тело на жена, опкружено со неколку траги од светлина.

Комбинирањето на боењето со светлина и креативните портрети стана многу популарно на социјалните медиуми. Снимено со EOS R6 од Canon и објектив RF 24-105mm F4-7.1 IS STM од Canon со избрани 44 mm, 13 сек., f/16 и ISO100.

Понекогаш помалку е повеќе. Користењето многу силна светилка може да ви изгледа како добра идеја, но најчесто подискретните светлосни извори даваат подобри резултати. Моќните светилки насочени директно во објективот може да предизвикаат одблесоци, а со светилките со помала моќност нема опасност од тоа. LED-свеќичките и разнобојните LED-светилки исто така може да дадат одлични резултати, а LED-светилките што трепкаат произведуваат алтернативен ефект со наизменични блесоци.

Може да биде забавно да ги вклучите и пријателите и семејството, па и тие да ги осветлуваат областите што им се интересни. Една светилка не мора да го опфати целиот субјект, бидејќи може да ја движите додека трае експозицијата за селективно да ги осветлувате разните области. Ова може да даде одличен резултат при осветлувањето на интересните точки во ноќните пејзажи.

Дополнителните светилки или други светлосни извори може да бидат одличен начин да се вклучите себеси или други луѓе во сликата. Може да се обидете и да пишувате зборови или да цртате облици како ѕвезди и срца. Друга опција е да ја комбинирате долгата експозиција со кратко светлосно пулсирање од Speedlite од Canon за да добиете правилна експозиција за портрет или друг субјект во преден план и да го замрзнете неговото движење, а притоа сѐ уште да може да боите со светлина во остатокот од експозицијата.

Кога фотографирате за забава, боењето со светлина може да биде одличен начин да ја покажете вашата креативност. Нема потреба од скапи фотоапарати, објективи и дополнителна опрема. Потребно ви е само малку време да ги научите основите. Наскоро ќе видите дека создавате многу впечатливи слики со навистина уникатен изглед.



Напишано од Matthew Richards

Слични производи

  • Фотоапарати без огледало

    EOS R6

    Без разлика што фотографирате и како фотографирате, EOS R6 ќе ви овозможи да бидете креативни на начини што никогаш досега не сте знаеле дека постојат.
  • Фотоапарати без огледало

    EOS R7

    Истражете ја дивината со фотоапарат што нуди неверојатна брзина и квалитет на слика во преносливо APS-C-куќиште дизајнирано за иднината.
  • Фотоапарати без огледало

    EOS R10

    Преземете ги следните чекори во фотографирањето и снимањето со фотоапаратот без огледало EOS R што е дизајниран со сензор со големина APS-C.
  • DSLR-фотоапарати

    EOS 90D

    Максимално опремен DSLR-фотоапарат што овозможува доближување до целта, побрзо фотографирање и снимање извонредни слики со 32,5 мегапиксели.
  • Објективи RF

    RF 24-105mm F4-7.1 IS STM

    Идеален објектив за секојдневна употреба за фотоапарати за целосна слика без огледало наменет за ентузијасти. Практичниот објектив RF 24-105mm F4-7.1 IS STM е лесен, компактен и подготвен да го однесе вашето фотографирање на повисоко ниво.
  • Објективи за DSLR

    EF-S 18-135mm f/3.5-5.6 IS STM

    Објектив за зумирање од 18-135mm за секаква намена со STM технологија. STM нуди рамномерно и тивко автоматско фокусирање при снимање видео, а динамичката стабилизација на слика ги намалува вибрациите во видеозаписите.

Слични статии