МАКРО ФОТОГРАФИРАЊЕ

Совети за макро фотографирање

Овие врвни совети за макро фотографирање ќе ви помогнат да снимите неверојатни слики одблиску. Следи сѐ што треба да знаете, од креативни техники и неопходни поставки на фотоапаратот, до избирање на соодветната опрема од Canon.
Слика од оса со светли бои снимена на екстремно мала оддалеченост која се храни на прашник на светло-зелен цвет.

Сликите одблиску од најразлични субјекти, почнувајќи од инсекти па сè до цвеќиња, храна и предмети во домаќинствата, можат да откријат извонредни нивоа на детали. Со соодветниот фотоапарат и објектив, како и точните поставки, можете да откриете детали што се речиси невидливи за човечкото око. Типично, макро објектив обезбедува зголемување меѓу 0,5x и 1,0x при минимално фокусно растојание. Ова можеби не звучи толку импресивно, но зголемување од 1,0x репродуцира мали предмети при вистинска големина на сензорот за слика на фотоапаратот. Потоа, кога ќе ги видите на екран или отпечатени, тие се многу зголемени, обезбедувајќи нова перспектива за вашето фотографирање.

Сѐ може да ви биде субјект во макро фотографирањето кога откривате скриен свет и ги гледате секојдневните нешта на поинаков начин. Фотографирањето одблиску може да е многу забавно, но носи технички предизвици. Продолжете да читате за да откриете професионални совети за создавање извонредни слики одблиску, како и најдобрата опрема од Canon за макро фотографирање, дури и ако буџетот ви е ограничен.

Техники за макро фотографирање

Слика одблиску од цвеќе во живописна розова боја.

Природата има скриени слоеви на убавина што може да ги откриете со снимање фотографии одблиску или макро фотографии. Фотографирано со Canon EOS R6 и објектив Canon RF 85mm F2 MACRO IS STM со избрани 1/1250 сек., f/2 и ISO 400. © Ilvy Njiokiktjien

Фокусирањето може да биде голем предизвик при фотографирање одблиску и потребна е голема прецизност, а тоа се должи на типично малата длабочина на полето. Апликацијата Canon Photo Companion содржи практични алатки што ги пресметуваат најблиската и најдалечната фокусна точка, длабочината на полето и хиперфокусното растојание во зависност од вашиот фотоапарат и поставките.

За сликите од мртва природа, како што се макро фотографиите од храна, најдобро е да го поставите фотоапаратот на статив или друга стабилна површина, за да се прицврсти на место и да се спречи поместување или заматување. За да постигнете максимална стабилност, користете го тајмерот од две секунди на фотоапаратот или далечински управувач за да не го допирате фотоапаратот кога сакате да фотографирате.

Дури и кога користите статив, можно е да предизвикате вибрации при допирање на фотоапаратот непосредно пред експозицијата, или во случај да користите DLSR-фотоапарати, вибрации може да предизвика поместувањето на огледалото. Добра комбинација на поставки што е достапна кај повеќето DSLR-фотоапарати од Canon е да користите тајмер од две секунди заедно со режимот за заклучување на огледалото. Огледалото ќе се помести две секунди пред да ја снимите сликата, што е доволно време да исчезнат вибрациите. И апликацијата Canon Camera Connect е корисна во вакви ситуации, бидејќи ви овозможува да го контролирате фотоапаратот преку телефон.

Кога фотоапаратот е прицврстен на место, автоматскиот фокус ќе функционира одлично ако користите AF во една точка и ако таа точка ја позиционирате прецизно врз делот од субјектот што сакате да биде најостар. Рачното фокусирање може да функционира уште подобро. Фотоапаратите EOS M и сите фотоапарати без огледало со EOS R-систем од Canon се одликуваат со опција за издвојување со фокус (објективот мора да е во режим MF). Вклучете ја оваа опција и визирот или задниот екран ќе почне да ги означува површините што ќе доаѓаат во фокус, а тоа ќе ви овозможи детално прилагодување на вашата слика. Или, пак, користете зумиран приказ од саканата површина за да проверите дали рачното фокусирање е оптимално. Користете ја истата техника на задниот екран на DSLR-фотоапаратите од Canon со избирање на режимот за прегледување во живо.

Одлични макро субјекти во текот на целата година

Размислувајте на мало за ефективно макро фотографирање. Бубачки, пајаци и пчели се одлични субјекти, а природата нуди многу низ целата година. Од цвеќиња што цветаат напролет, до пчели и пеперутки на лето, златни лисја и печурки во есен и снегулки и мраз во зима, секогаш има што да се фотографира.

Во затворени простории, можете да бидете креативни со макро фотографирање храна, или да фотографирате предмети на екстремно мали растојанија, како дрвени боички што имаат многу мали детали. За повеќе инспирација за субјекти и како да ги фотографирате, погледнете го видеото за макро фотографирање наесен од Ian Wade.

Осветлување за макро фотографирање

Силно осветлена слика одблиску од црвена зелка, снимена од Matt Doogue со Canon EOS R10.

Оваа фотографија одблиску од црвена зелка е снимена при целосно зголемување и осветлување одозгора. Фотографот Matt Doogue спои фотографии со различен фокус во самиот фотоапарат за да одржи рамномерен фокус низ целата површина на сликата. Фотографирано со Canon EOS R10 и објектив Canon RF 100mm F2.8L MACRO IS USM со избрани 1/60 сек., f/5,6 и ISO 250.

Следи контраст од потемна верзија од слика одблиску од црвена зелка снимена од Matt Doogue со Canon EOS R10.

Слика одблиску од црвена зелка снимена при целосно зголемување, овој пат осветлена од десната страна со намалена јачина за да се нагласат текстурите и контурите на линиите на зелката. Повторно, Matt спои фотографии со различен фокус во самиот фотоапарат за да одржи порамномерен фокус. Фотографирано со Canon EOS R10 и објектив Canon RF 100mm F2.8L MACRO IS USM со избрани 1/60 сек., f/5,6 и ISO 250.

За да ги истакнете деталите, обидете се да експериментирате со различни извори на светлина, почнувајќи од природно амбиентално осветлување и рефлектирана светлина од бел картон или хартија, па сè до користење фотографско LED-светло или блиц Speedlite.

Осветлувањето со мошне мал интензитет вообичаено не е проблем ако користите статив за макро фотографирање цвеќиња, фотографии одблиску од храна и друга мртва природа, но недоволното осветлување може да резултира со слики без длабочина. Ако фотографирате во затворена просторија, тогаш може да го зголемите осветлувањето со столна ламба или да ја искористите дневната светлина што навлегува низ прозорците. LED-лампите за фотографирање се уште една добра опција, како LED-светлата Macro Lite.

Понапредно решение од ова е да користите блиц или Speedlite. Освен тоа што го засилува осветлувањето, краткотрајното светење на блицот овозможува ефикасно замрзнување на движењата. Ако сакате најдобра контрола при фотографирањето одблиску и ефекти на осветлување без сенки при макро фотографирање, тогаш користете Canon Macro Ring Lite MR-14EX II што е компатибилен со повеќето макро објективи од Canon. Или, пак, вперете силна светлина кон субјектот од закосен агол. Ова ќе создаде длабоки сенки и тродимензионален изглед.

Зголемување на длабочината на поле

A close-up image of blue flowers; the blooms in the centre are in focus, while the background is blurred.

Дури и при најпрецизно фокусирање и користење мала решетка, понекогаш нема да може да ја добиете саканата острина низ целата површина на сликата. Да повториме, ова се должи на многу малата длабочина на полето при фотографирање одблиску. Одредени фотоапарати од Canon, како Canon EOS R8 и EOS R6 Mark II, нудат режим за фокусирање со групирање. Тој е одличен за макро фотографирање бидејќи снима серија слики и автоматски ги менува фокусните растојанија на сите слики од серијата. Потоа, групата слики може да се спои во една слика во фазата на уредување, со што ќе добиете поголема длабочина на поле.

Ефективна композиција за макро фотографии

Слика одблиску од розова и жолта торта снимена од Matt Doogue со Canon EOS R10.

Во споредба со фотоапарат за целосна слика, APS-C-фотоапарат како што е Canon EOS R50 или EOS R10 има помал сензор за слика. На прикачениот објектив му обезбедува подолга „ефикасна“ фокусна должина, како и поголемо ефикасно зголемување поради факторот на отсекување од 1,6x. Тоа е одлично за доближување на мала област на предмет за драматична композиција, како снимката од оваа торта фотографирана при целосно зголемување, осветлена одозгора и малку од задната страна за да се додаде сенка и контраст. Фотографирано со Canon EOS R10 и објектив Canon RF 100mm F2.8L MACRO IS USM со избрани 1/60 сек., f/7,1 и ISO 1250.

Можете да ја користите вообичаената мала длабочина на поле во ваша полза при макро фотографирање. Области што се неколку сантиметри пред или зад фокусната рамнина ќе бидат многу заматени во сликата. Затоа, важно е да размислувате и за заднината, како и за предметот што го фотографирате.

Заднини со рамномерна боја и светлина формираат обична заднина што може да го изолира субјектот, со што истиот ќе се истакне во сликата. И заднини со различни бои и тонови може да функционираат добро. Како и да е, земете ги боите и опкружувањето на главниот субјект предвид, како и начинот на кои тие работат заедно за да ја подобрите целокупната слика.

Правилото на третини е класична алатка за композиција. Замислете дека кадарот е поделен со мрежа со линии на еднакво растојание - две хоризонтално и две вертикално што можете да ги додадете во самиот фотоапарат. Сега, поставете ја главната површина од интерес во точката каде што има пресек на две линии. Ова може да создаде максимални визуелни резултати во слика. Или, пак, прекршете ги правилата и позиционирајте го главниот субјект во самиот центар на кадарот. Ова може да функционира добро со симетрични предмети, кои сами по себе се одлични макро субјекти.

За цвеќиња, лисја и други субјекти што се малку поголеми, добар совет за обликување на кадарот е да се фокусирате на многу мала област од целосниот субјект и да фотографирате компактна снимка со многу детали.

Најдобри фотоапарати за макро фотографирање

Слика од школка снимена на екстремно мала оддалеченост која ја прикажува текстурата во спиралите.

Слично како и другите фотоапарати со системот EOS R од Canon, EOS RP нуди низа моќни функции за макро фотографирање, како издвојување со фокусот и фокусирање со групирање. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 24-105mm F4-7.1 IS STM од Canon со избрани 24 mm, 15 сек., f/4 и ISO100.

Слика од црвено цвеќе снимена на екстремно мала оддалеченост која ги прикажува деталите во ливчињата.

EOS RP е опремен и со екран на допир со променлив агол, поставен на задната страна. Тој е многу практичен за снимање макро фотографии од незгодни агли и овозможува брзо и лесно фокусирање при општо снимање слики одблиску, а сè што треба да направите е да ја допрете сликата за преглед во точката каде што сакате да фокусирате автоматски. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 24-105mm F4-7.1 IS STM од Canon со избрани 24 mm, 1/10 сек., f/4 и ISO100.

Не ви требаат скапи фотоапарати и објективи за да снимате слики одблиску. Најдобриот фотоапарат за макро фотографирање е тој што веќе го имате. Голем број фотоапарати од основна класа, од типот „насочи и фотографирај“, имаат режим за макро фотографирање што нуди растојанија за фокусирање дури до 1 cm, а компактниот фотоапарат Canon PowerShot G7 X Mark III има помоќен режим за макро.

Фотоапаратите EOS со заменливи објективи ви нудат поголема флексибилност за фотографирање одблиску, бидејќи секогаш ќе можете да го прикачите идеалниот објектив за задачата. Canon EOS R50 и EOS R10 имаат и екран на допир со променлив агол, со што фотографирањето од различни агли е лесно. Допрете ја точката на екранот што се совпаѓа со областа во сцената каде што сакате автоматски да фокусирате. Исто така, тие се одликуваат со опција за зголемен приказ и издвојување со фокус за неверојатно прецизно рачно фокусирање. Уште една предност на овие APS-C-фотоапарати, во споредба со куќишта за целосна слика е тоа што факторот на отсекување го зголемува максималното зголемување на макро објектив од 1,0x на 1,6x.

За ентузијастите кои сакаат да фотографираат макро слики на повисоко ниво, идеална опција е палетата на фотоапарати за целосна слика од Canon. На пример, големиот број на MP на сензорите за целосна слика во EOS R8 и EOS R6 Mark II им овозможува да задржат неверојатен квалитет на слика во услови на слаба осветленост, што овозможува јасни слики дури и при мали вредности на ISO. И тие, исто како и EOS R50 и EOS R10, имаат функција за фокусирање со групирање, што е особено корисно за макро фотографирање.

Најдобри објективи за фотографирање одблиску

Слика од лист снимена на екстремно мала оддалеченост која ја прикажува неговата интересна структура.

Како и повеќето нови макро објективи од Canon, така и објективот RF 85mm F2 MACRO IS STM нуди хибридна стабилизација на слика. Таа врши компензација за хоризонталните и вертикалните движења, поради што стабилизацијата е многу поефикасна при рачно фотографирање одблиску и при снимање макро слики. Снимено со EOS R од Canon и објектив RF 85mm F2 MACRO IS STM од Canon со избрани 1/40 сек., f/2 и ISO800.

Слика од глава и крилја на пеперутка снимена на екстремно мала оддалеченост.

Зголемувањето од 1,4x што го нуди објективот RF 100mm F2.8L MACRO IS USM од Canon ви овозможува да доловувате неверојатни детали, како што се крлушките на крилјата на оваа пеперутка. Снимено со EOS R5 од Canon и објектив RF 100mm F2.8L MACRO IS USM од Canon со избрани 1/50 сек., f/4,5 и ISO3200. © Oliver Wright Photography

Многу објективи што се испорачуваат со фотоапаратите Canon EOS имаат импресивно кратки фокусни растојанија (MFD). Овде спаѓа Canon RF 24-105mm F4-7.1 IS STM за фотоапарати со EOS R-систем, којшто има MFD од само 13 cm.

Меѓу одличните макро објективи спаѓаат Canon RF 35mm F1.8 MACRO IS STM и RF 85mm F2 MACRO IS STM. Тие нудат максимално зголемување до 0,5x и се опремени со хибридна стабилизација на слика. Коригираат поместувања во вертикалните и хоризонталните рамнини, како и вибрации. Во споредба со обична стабилизација на слика, хибридната стабилизација на слика од Canon е многу поефикасна при рачно фотографирање за фотографии снимени при екстремно мали растојанија.

Кога станува збор за врвен макро објектив, Canon RF 100mm F2.8L MACRO IS USM нуди зголемување од 1,4x што е водечко во неговата класа и се одликува со прстен за контрола на сферичната аберација, што ви овозможува да го приспособите изгледот на ефектот на дефокусирање во преден план и заднината во дефокусираните области.

Најдобри поставки за макро фотографирање

Жена снима макро слика од школка со фотоапарат и објектив од Canon. Таа е облечена во зимска облека и се потпира на песокот со лактите.

Замислете си колку детали може да доловите во широкоаголен пејзаж. А сега замислете си како го исполнувате речиси целиот сензор за слика на фотоапаратот со субјект кој е голем колку поштенска марка. Дури и макро зголемувањето од 0,5x може да открие ситни детали што човекот не може да ги забележи со голо око.

Маж користи фотоапарат со голем објектив за одблиску да сними фотографија од инсект на лист.

Снимањето слики одблиску од инсекти и други бубачки може да биде тотален успех или тотален неуспех. Зголемете ја веројатноста за успех со избирање на режимот за автоматски фокус AI Servo (континуиран) и режимот за континуиран погон со голема брзина. Притиснете го и задржете го копчето за блендата за да снимите серија последователни слики со голема брзина, со цел да добиете барем неколку што ќе вредат да ги зачувате.

Режимот за макро фотографирање кај голем број фотоапарати од Canon функционира солидно, но ако сакате да снимите покреативни слики одблиску со фотоапарати за ентузијасти, тогаш е најдобро да ја преземете контролата. Користењето полуавтоматски или рачни режими може да ви понуди одлични резултати.

Голем предизвик е тоа што длабочината на полето (растојанието помеѓу најблиската и најдалечната точка во сцена што се прикажува остро) е многу мала во снимање слики одблиску и апсолутно минијатурна при макро фотографирање. За да добиете максимална длабочина на полето, изберете го режимот за фотографирање Av (приоритет на решетка) и помала решетка приближно од f/16 до f/22. Но, ако осветлување е слабо, можно е да треба да користите мала брзина на блендата за да добиете соодветна експозиција. Вообичаено, тоа не е проблем ако користите статив.

За макро фотографиите од инсекти ќе ви треба бленда со голема брзина за да го замрзнете движењето. Истото важи и за други живи субјекти, на пример, макро фотографии од очи. Еден од начините да го постигнете тоа е да користите и мала решетка за да можете да ја зголемите вредноста за ISO на фотоапаратот. Меѓутоа, избирањето повисока вредност за ISO може да предизвика губење на малите детали и зголемување на шумот во сликата - токму тука се потребни врвните перформанси за работа при слаба осветленост на фотоапаратите за целосна слика како Canon EOS R8 или EOS R6 Mark II.

Последни детали

Екранот на задната страна на фотоапаратот EOS R6 од Canon ги прикажува режимот за фотографирање во RAW-формат и поставките за снимање слики одблиску од глава на папагал.

Голем број фотоапарати од Canon имаат режим за RAW-квалитет. Користете го за да добиете максимална флексибилност при уредувањето, со помош на софтвер како Digital Photo Professional од Canon (може да се преземе бесплатно). Ќе можете детално да ја прилагодувате експозицијата и балансот на белата боја за да добиете оптимална светлина и репродукција на бои, без намалување на квалитетот на сликите. Исто така, ќе можете да користите функции за изострување или изострување со маска за да ги нагласите деталите и ќе можете да ја прилагодувате острината, контрастот, тоновите на боите и заситувањето за да ги направите сликите поинтересни.

Квалитетот на поголемиот дел од сликите одблиску и макро фотографиите може да се зголеми значително со малку уредување. Ако минималното фокусно растојание на вашиот објектив ве ограничува да се доближите до субјектот колку што сакате, не паничете. Креативното отсекување во фазата на уредување ќе ви овозможи да ги отстраните несакани периферни површини од сликата и да ја зачувате само саканата површина.

Ништо не може да биде потполно совршено. Кога снимате макро фотографии или фотографии одблиску, огромниот број на детали што ќе ги доловите ќе ги нагласат сите честички прашина, флеки или други неправилности. Алатката Spot Healing Brush или алатката за клонирање во софтверите за уредување слики можат ефикасно да ги маскираат овие работи, а тоа го прават со копирање на податоците за светлината, боите и текстурата од околните пиксели.

Најновите верзии на Canon Digital Photo Professional (DPP) ја нудат и алатката Depth Compositing. Таа го автоматизира процесот за конверзија на група слики снимени во режимот за фокусирање со групирање кај фотоапарати со EOS R-систем што немаат опција за во фотоапаратот, а потоа ги спојува во една слика. Тој е совршен за зголемување на ефикасната длабочина на полето при снимање фотографии одблиску и макро фотографии.

Се надеваме дека овие совети и техники ви покажаа колку е лесно да почнете да фотографирате макро слики и дека ве инспирираа да излезете од домот и да се потрудите да ги доловите деталите и да снимате уникатни слики одблиску.


Напишано од Matthew Richards

Слични производи

  • Фотоапарати без огледало

    EOS R8

    Преминете на фотографии и видеозаписи во формат за целосна слика и остварете ги вашите креативни амбиции.
  • Фотоапарати без огледало

    EOS R10

    Преземете ги следните чекори во фотографирањето и снимањето со фотоапаратот без огледало EOS R што е дизајниран со сензор со големина APS-C.
  • Фотоапарати без огледало

    EOS R50

    Снимете ги вашите најдобри содржини со овој фотоапарат без огледало EOS R, од остри фотографии до 4K-видеоснимки и проследување во живо. Сè во еден наменски уред.
  • Објективи RF

    RF 35mm F1.8 MACRO IS STM

    Макро објектив f/1,8 од 35 mm со брза решетка за широкоаголна перспектива, кратко растојание на фокусирање и хибридна стабилизација на слика.
  • Објективи RF

    RF 85mm F2 MACRO IS STM

    Објективот RF 85mm F2 MACRO IS STM нуди разновидни опции за фотографирање одблиску со дискретна телефото компресија и стабилизација на слика со 5 чекори, вградени во компактно и лесно куќиште.
  • Макро објектив

    RF 100mm F2.8L Macro IS USM

    RF 100mm F2.8L MACRO IS USM е професионален макро објектив RF што е совршен за рачно снимање слики и извонредни портрети со зголемување до 1,4x од реалната големина, со квалитетот на серијата L.

Слични написи