ДОМАШНИ ПРОЕКТИ

Пронајдете инспирација во секојдневието и снимајте портрети во домот

Michaela Efford ги открива нејзините најдобри совети за фотографирање привлечни портрети во вашата дневна соба.
Жена со штипки во форма на пеперутки во нејзината коса која закачува повеќе штипки во форма на пеперутки на конци што висат од сребрена лента.

Професионалната фотографка за портрети и мода, популарната ѕвезда на TikTok и веселата инстаграмка Michaela Efford привлече следбеници од целиот свет на социјалните мрежи. Нејзиниот успех делумно се должи на споделување видеозаписи од типот „како да направите“ што нудат креативна инспирација и совети за фотографи со различни нивоа на вештини.

Како и повеќето од нас, така и Michaela се чувствуваше заробена за време на локдаунот и со задоволство бараше начини да ја изрази својата креативност. Ограничувањата за нејзината работа ги претвори во придобивки, користејќи секојдневни предмети и различни локации во нејзината куќа за да внесе креативност во сликите што ги снимаше во домот.

„Размислував како можам да создадам убави фотографии во домот и да експериментирам со осветлувањето“ - вели таа. „Инспирација за сликите што сакав да ги снимам барав на Pinterest и гледав како го правеле тоа другите фотографи. Музичките спотови се уште една одлична отскочна даска за креативни идеи“.

Еве неколку од нејзините најдобри совети и трикови за фотографирање креативни портрети во домот.

1. Изразете ја вашата креативна страна

Смислувањето креативни идеи е најголемиот предизвик кога фотографирате дома. „Прво се обидувам да си замислам како сакам да изгледа сликата“ - вели Michaela. „Размислувам кои бои си одговараат меѓусебно, какви материјали да користам и дали да додадам заднина. Обожувам да користам неконвенционални материјали како стакло и алуминиумска фолија“.

Michaela вели дека секогаш го започнува фотографирањето со идеја, но не секогаш се придржува до неа. Таа ги советува другите да ја прифатат еволуцијата на нивните планови за време на фотографирањето и да размислуваат креативно. „Дури и кога фотографирам дома, не дозволувам да бидам ограничена со четири ѕида. Различните простории во домот можат да создадат различен изглед и амбиент на сликите, па затоа ви препорачувам да не работите само на една локација“.

Портрет од насмеана млада жена наспроти розова заднина. Со хартиени пеперутки околу нејзината глава што ѝ ја разубавуваат косата.

Се исплати да експериментирате. Овој портрет изгледа прекрасно, а тоа беше постигнато за време на фотографирањето наместо во обработката по фотографирањето. Ефектот се генерира со растегнување пластична фолија преку објективот. Снимено со EOS 5D Mark IV од Canon и објектив EF 24-70mm f/2.8L II USM од Canon со избрани 67 mm, 1/160 сек., f/3,5 и ISO320.

Портрет од млада жена која стои наспроти зелена заднина. Со хартиени пеперутки околу нејзината глава што ѝ ја разубавуваат косата.

Тука Michaela ја искористила истата сцена, но го променила амбиентот на сликата користејќи друга боја за заднината и друга поза на субјектот. „Креативноста е важен фактор во уредувањето на вашите слики, но и во процесот на фотографирање“ - додава таа. „Сакам да експериментирам со црните и белите нијанси што го менуваат вкупниот контраст и да ги нагласам боите на сликите за да изгледаат поубаво“. Снимено со EOS 5D Mark IV од Canon и објектив EF 24-70mm f/2.8L II USM од Canon со избрани 67 mm, 1/160 сек., f/3,5 и ISO320.

Таа им препорачува на другите да се фокусираат на расположението што сакаат да го пренесат кога го смислуваат концептот за фотографирањето. „Pinterest е многу практичен за пронаоѓање алтернативни стилови и јас често правам мала табла за амбиент што ми помага да одлучам какви реквизити, материјали и бои да користам“ - вели таа. „Важно е да бидете флексибилни и отворени за промени, наместо премногу да калкулирате“.

2. Пронајдете инспирација во секојдневното

Портрет од млада жена која си игра со косата и дува нешто што наликува на балонче од мастика за џвакање.

„Сакав да покажам дека може да користите какви било реквизити и да ги прилагодите за да изгледаат на нешто друго“ - објаснува Michaela Efford, ѕвездата на TikTok, за овој прекрасен портрет што го снимила за време на локдаунот. „Изгледа како розова гума за џвакање, но всушност е полунадуван балон“. Снимено со EOS 5D Mark III од Canon (сега е заменет со новиот EOS 5D Mark IV од Canon) и објектив EF 24-70mm f/2.8L II USM од Canon со избрани 42 mm, 1/100 сек., f/2,8 и ISO400. © Michaela Efford

Портрет од млада жена која држи букет сончогледи. Таа носи фустан со дизајн од маргаритки и стои пред сина заднина прекриена со облаци исполнети со цвеќиња.

Овој портрет беше инспириран од фустанот на Michaela со дизајн од маргаритки. „Го купив фустанот и така ја добив идејата за фотосесија со цветна тема“ - вели таа. „Заднината со облаци ја изработив од полиестер и ја залепив на картон, а потоа додадов мини маргаритки во облаците“. Снимено со EOS 5D Mark III од Canon и објектив EF 24-70mm f/2.8L II USM од Canon со избрани 26 mm, 1/125 сек., f/3,2 и ISO640. © Michaela Efford

Затворена дома, Michaela утврди дека предметите и просториите околу неа можат да се искористат како студио, доколку вложи малку креативност. „Имам прекрасни предмети и украси во домот што не ги ценев доволно пред да започне локдаунот“ - вели таа. „Гледајќи ги секој ден, станаа невидливи. Седењето дома ме примора да ги погледнам на поинаков начин и почнав да размислувам како да ги вклучам во сликите на креативен начин“.

3. Светлина и локација

Млада жена гледа кон фотоапаратот, носи очила чии рабови светат во сина боја и розова перика, директно зад неа е поставено кружно сино светло.

„Не може да згрешите со добри реквизити“ - вели Michaela. „Купив очила што светат во сина боја и штом ги ставив се почувствував како лик во филм со научна фантастика, а тоа ја одреди темата на фотосесијата. Амбиентот се подобрува ако ставите алуминиумска фолија во заднина“. Снимено со EOS 5D Mark IV до Canon и објектив EF 24-70mm f/2.8L II USM од Canon со избрани 70 mm, 1/160 сек., f/3,5 и ISO640. © Michaela Efford

Млада жена ја потпира главата со рака на страна, гледа во чаша вода пред неа во која пливаат две златни рипки, што се додадени дигитално.

„Оваа слика ја снимив во градината со чаршав како заднина што имаше улога на дифузер“ - вели Michaela. „Главниот реквизит беше чаша вода. Првично снимав слики за да го изобличам моето лице, но на крајот одлучив да додадам слики од риба во чашата, бидејќи мислев дека на сликата ѝ недостасува креативен елемент“. Снимено со EOS 5D Mark III од Canon и објектив EF 24-70mm f/2.8L II USM од Canon со избрани 33 mm, 1/1000 сек., f/3,2 и ISO100. © Michaela Efford

Michaela цврсто верува дека добрите фотографии започнуваат со квалитетот на осветлувањето. „Дневната или спалната соба ги користам за повеќето фотосесии во домот бидејќи се најдобро осветлени наутро, а другите простории се погодни во други периоди од денот“ - вели таа. Ако фотографирате дома, погледнете ги овие совети за правење сопствено студио во домот.

За автопортретите и видеоснимките што ги објавува на TikTok, Michaela се фокусира на слики од глава и рамена. „Позите од цело тело може да изгледаат чудно бидејќи треба да мислите на многу екстремитети и мислам дека сликите одблиску нудат поголема интеракција“ - додава таа.

„Кога снимам автопортрети користам далечински контролор или функцијата за тајмер на фотоапаратот. Голем број нови фотоапарати од Canon имаат екрани што се вртат и се одлични за да можете и вие да бидете на сликите. Ако фотографирам друг субјект, повторно започнувам со автопортрети за да го одредам најдоброто осветлување и да ги вклопам реквизитите со заднината, а потоа продолжувам со работата“.

4. Изберете соодветна опрема

EOS 5D Mark IV од Canon, статив и различни предмети ставени на маса.

Michaela користи различни алатки, техники и опрема за време на нејзините фотосесии. „Сликите можат да пренесат моќни пораки, па затоа никогаш не треба да се плашите да го искажете вашето мислење преку сликите“ - вели таа.

Жена во бел фустан, со хартиени пеперутки во нејзината коса и на нејзината уста.

Освен опрема за фотографирање, Michaela користеше реквизити и секојдневни предмети од нејзиниот дом, како фолија, за да го добие конечниот изглед на сликата. Снимено со EOS 5D Mark IV од Canon и објектив EF 24-70mm f/2.8L II USM од Canon со избрани 67 mm, 1/160 сек., f/3,5 и ISO320.

Michaela фотографира со EOS 5D Mark IV од Canon, откако претходно се вљуби во серијата фотоапарати EOS 5D кога ја започна својата кариера како фотограф. „Сега сум во силно искушение да го набавам фотоапаратот без огледало EOS R6 од Canon. Сум видела фотографи кои го користат за време на Модните недели. Многу е компактен и лесен и создава извонредни резултати и за фотографии и за видео“.

Сепак, нема потреба да купувате скап фотоапарат за целосна слика за да добиете прекрасни резултати. Фотоапаратот EOS M50 Mark II од Canon со заменливи објективи и компактниот фотоапарат PowerShot G7 X Mark III од Canon нудат врвни перформанси за снимање и фотографии и 4K UHD-видео.

„Потполно ги обожувам фотоапаратите од Canon поради начинот на кој ги обработуваат боите“ - додава Michaela. „Истражував за ова пред да одлучам што да купам и тоа навистина ми се исплатеше во делата што ги создавам. Кога станува збор за објективи за портрети, мојот избор е EF 24-70mm f/2.8L II USM и EF 35mm f/1.4L II USM од Canon. Природната перспектива ми одговара на начинот на кој фотографирам, а широката решетка ми нуди поголема контрола врз длабочината на полето“.

Michaela едвај чека да проба да работи со објективот RF 35mm F1.8 IS Macro STM од Canon. Овој модел е компактен , исто како и фотоапаратите EOS RP и EOS R6 од Canon, но нуди неверојатен квалитет на слика и повеќенаменски перформанси, како и хибридна оптичка стабилизација на слика и повеќенаменско макро зголемување од 0,5x за екстремни слики одблиску.

5. Соработка и споделување

Жена со светло сина сенка за очи и накит во форма на капки потопен во вода со живописна сина боја. Се гледаат само нејзините раце и глава.

Слика од една од фотосесиите на Michaela. „Ставивме сина боја во водата за да изгледа живописно“ - вели таа. „Бојата може да биде важна состојка. Размислете кои бои си одговараат меѓусебно наместо да купувате скапи реквизити“. Снимено со EOS 5D Mark IV од Canon и објектив EF 24-70mm f/2.8L II USM од Canon со избрани 63 mm, 1/125 сек., f/3,2 и ISO320. © Michaela Efford

Млада жена со сина коса наспроти розова заднина, облечена во тесна виолетова маичка симулира шок додека држи розов телефон на нејзиното уво.

„Сакавме да добиеме девојка во поп стил од 90-тите“ - објаснува Michaela за оваа привлечна слика, снимена за време на модната фотосесија во мај 2021 година. Снимено со EOS 5D Mark IV од Canon и објектив EF 24-70mm f/2.8L II USM од Canon со избрани 61 mm, 1/160 сек., f/8 и ISO125. © Michaela Efford

Ако фотографирате портрети од пријател, Michaela ви препорачува да им дадете ефикасни инструкции за начинот на кој сакате да позираат. „Многу подобро комуницирам со телото отколку со зборови, па затоа за позите им покажувам што сакам да направат наместо да им објаснувам за тоа“ - вели таа. „Поприродно е и поинтерактивно. И многу е важно луѓето да се чувствуваат колку што е можно поприродно и поудобно“.

„Кога снимам видео за TikTok, секогаш се обидувам да снимам малку од тоа што се случувало зад сцената и потоа го додавам тоа во видеото. На тој начин може да привлечете уште поголем интерес и луѓето ќе бидат воодушевени кога ќе видат како се одвивал процесот на фотографирање“.

Сопствениот стил ќе го откриете само ако експериментирате при фотографирањето портрети. „Верувајте во себе и не плашете се да се изразите“ - вели Michaela. „Следете други фотографи за да добиете инспирација, но за да создадете свој стил треба да бидете оригинални и среќни што сте уникатни“.


Напишано од Matthew Richards

Слични производи

Слични статии

  • ФОТОГРАФИРАЊЕ ПОРТРЕТИ

    Најдобрата опрема од основна класа за портрети

    Фотоапарати и објективи за секаков вид фотографирање портрети.

  • ФОТОГРАФИРАЊЕ ПОРТРЕТИ

    Снимајте подобри автопортрети

    Тиктокерката Nina Collins објаснува како да снимате креативни автопортрети дома.

  • ДОМАШНИ ПРОЕКТИ

    Направете сопствено студио во домот

    Дознајте како да бидете креативни со блицот и да фотографирате извонредни портрети со мал буџет.

  • ФОТОГРАФИРАЊЕ ПОРТРЕТИ

    Снимајте апстрактни портрети

    Експериментирајте со повеќе експозиции, боење со светлина, играње со сенки и многу повеќе.