Најпрепознатливите елементи на нереалните слики на Rosie Hardy се фустани за бал што се лелеат како водопади, необични сводови и раскошни цвеќиња. Но, зад секоја фотографија има и приказна - или внимателно составена наратива што се открива во елементите на сликата, или придружен цитат што е внимателно одбран за да го прикаже делото во ново светло.
„Отсекогаш многу ме привлекувале приказните на луѓето“, вели Rosie. Фотографот на креативни портрети го започна своето патешествие онлајн со документирање на нејзиното искуство со алопеција како тинејџерка, како и борбата со откривањето на сопствениот идентитет без потпирање на изгледот. „Многу се заинтересирав во чувствата на луѓето, човековата психологија и однесување. Секогаш ме привлекува тој емоционален аспект во моите и туѓите дела. Затоа толку ме привлекуваат портрети“.
Од нејзините креативни автопортрети, па сѐ до нејзиното фотографирање свадби и комерцијални проекти, портретите на Rosie се одликуваат со впечатлива и нереална естетика. „Тоа што го работам дефинитивно еволуира, но јас сѐ уште се трудам да го постигнам истиот стил - фантастичните, надреалните дела како од бајките кои сум ги правела отсекогаш“, вели таа.
Овде, таа ги споделува своите 10 врвни совети за ентузијасти кои сакаат да го истражат магичното поле.
ФОТОГРАФИРАЊЕ ПОРТРЕТИ
Практична магија: истражување митско осветлување и нереално фотографирање
- Доловете привлечни ефекти на дефокусирање
- Фотографирајте со задно осветлување
- Истражувајте реквизити и костими
- Играјте си со меко осветлување
- Бидете креативни во обработката по фотографирањето
- Изградете палета на бои
- Истражете различни локации
- Изберете го вистинскиот објектив
- Користете подолги времиња за експозиција
- Формирајте приказна
1. Доловете привлечни ефекти на дефокусирање
Експериментирањето со ефекти на дефокусирање може да создаде магична атмосфера, особено ако користите голема решетка и мал f-број за да создадете мала длабочина на поле, со што се омекнува заднината.
„Ефектите на дефокусирање се волшебни“, вели Rosie. „Ако фотографирам некоја локација што навистина сакам да ја покажам, тогаш би фотографирала со помала решетка за да го покажам опкружувањето. Но, ако сакам да се фокусирам на фустан, тогаш би ја отстранила заднината и би го ставила цел фокус на моделот“.
2. Фотографирајте со задно осветлување за волшебна естетика
„Фотографирање во сенка, со светлина што се филтрира низ дрвја и задно осветлување, е одличен начин да создадете меко, привлечно и митско осветлување ако немате опрема за осветлување“, вели Rosie. Со поставување на изворот на светлина зад субјектот, можете да создадете прстенест ефект и меки и интимни слики. „Јас сметам дека тоа создава помалку хаос во сликата и ја прави да изгледа повеќе како бајка“.
Комбинирањето на нејзиниот Canon EOS R5 или Canon EOS 5D Mark IV со природна светлина ја формира основата на нејзиното необично фотографирање. „Обожавам природно осветлување и сметам дека, ако го совладате додека сте почетник, ќе ве оформи како фотограф“, додава таа.
3. Истражувајте реквизити и костими
Во фотографиите на Rosie често има весели украси, како и нејзините препознатливи фустани за бал, што ги оживува нереалните сцени преку рачно направени елементи што таа ги приспособува во обработката по фотографирањето. „Вреди да се истражат сцените, реквизитите и костимите“, вели таа. „Со нив се истакнувам од другите“.
За да ги одржувате трошоците мали, таа препорачува да пребарувате онлајн аукции и локални половни продавачи за добри зделки, да изнајмувате од складишта за реквизити и продавници за изнајмување костими, или да правите сопствени реквизити - како што таа направи со една од нејзините слики, во која таа ползи низ џиновски телефон. „Извадив огледало од рамка, се протнав низ неа и уредив слика од мојот телефон на таа рамка“, вели таа. „Исеков парчиња картон во форма на срциња за известување и ги обоив со лак за нокти бидејќи немав достапни бои во тој момент“.
4. Играјте си со меко осветлување
Убавото осветлување игра важна улога при создавање нежна естетика. „Дифузираното и меко осветлување што нема остри сенки ја омекнува кожата“, вели Rosie.
Иако таа се труди да ги избере локациите врз основа на тоа што нуди осветлувањето, понекогаш треба да манипулирате со природната светлина, за што постојат многу достапни начини. „Ако фотографирате портрет на сонце, можете да закачите чаршаф за малку да ја дифузирате светлината“, вели таа. „Ако користам рефлектор, би избрала златен наместо постуден сребрен рефлектор за да ја стоплам бојата на кожата“.
5. Бидете креативни во обработката по фотографирањето
Софтвер за уредување ви овозможува да менувате бои и да омекнувате слики за да ја зголемите волшебната атмосфера. „Уредувањето, исто така, прави вашите дела да изгледаат како да имаат поголем буџет од вистинскиот“, вели Rosie, која често ги подобрува своите реквизити и дизајн на сцени при уредувањето, од спојување до дизајнирање професионални надреални светови.
Софтверот Digital Photo Professional (DPP) од Canon е идеална алатка за почетници, вели таа. „DPP отсекогаш бил многу добар за мене бидејќи со него можам да ги обработам моите RAW-датотеки за да ги доведам до најдобриот можен квалитет, како и да ги прелистам сликите и да ги видам во навистина корисен формат“. Софтверот може да се користи и за приспособување елементи како баланс на бела боја, заситеност и основни криви. „Ако сакам да стоплам или оладам слика пред да ја извезам, тоа е најдобриот софтвер бидејќи го одржува интегритетот на датотеката“, додава таа.
6. Изградете палета на бои
Нереалните фотографии често имаат мека и придушена палета на бои, полна со пастелни и ладни тонови. „Боите многу влијаат на целокупната слика“, вели Rosie. „Како гледач, одбивни ми се слики што имаат премногу различни бои, освен ако тоа не е специфичната тема. Ме привлекуваат слики што имаат општ тон“.
Кога станува збор за боите, Rosie претпочита едноставност и рамнотежа. „Ако ги разгледате моите социјални канали или веб-страница, ќе видите дека секоја слика има општ тон или две бои“, продолжува таа. „Кога фотографирам, или се обидувам да откријам кои ќе бидат моите две бои, или како да ја уредам таа слика подоцна за да направам разбирлива снимка“.
7. Истражете различни локации
Кога мислите на митски слики, најчесто е најважна локацијата. Rosie и нејзините модели често позираат покрај впечатлива архитектура или густи шуми за фотографиите да се стекнат со нереална атмосфера. „Ме привлекуваат напуштени места, замоци и секакви сводови“, вели таа. „Започнувањето на места што се јавно достапни, како паркови, шуми и големи отворени резервоари и езера е одличен начин да се навикнете на фотографирање во јавност, без притисок од луѓе што ве гледаат или проблеми бидејќи ги немате соодветните дозволи“.
Алатка за избирање објективи од Canon
8. Изберете го вистинскиот објектив
„Како фотограф на портрети, не сакам да ги изобличам луѓето во моите слики“, вели Rosie. „Фотографирање при многу широк агол малку го изобличува лицето, поради што го избегнувам кога фотографирам портрети“.
Објективите што најчесто ги користи се Canon EF 35mm f/1.4L II USM, Canon EF 85mm f/1.2L II USM и Canon EF 50mm f/1.4 USM. Сите три објективи нудат широки решетки за мек фокус, а притоа одржуваат реални пропорции и детали. Нејзините претпочитани примарни објективи ѝ нудат уште една предност. „Размислувам и за интеракциите со луѓето што стојат пред мене“, вели Rosie. „Ако користев подолг објектив, не би можела многу добро да комуницирам со клиентот бидејќи би викала од далеку“.
Други опции за објективи за овој вид слики се Canon RF 35mm F1.8 MACRO IS STM, Canon RF 50mm F1.8 STM и Canon RF 85mm F2 MACRO IS STM.
9. Користете подолги времиња за експозиција
Спроти конвенционалното мислење, Rosie сака да користи прекумерна експозиција во нејзините слики. „Знам дека многу луѓе ќе се згрозат од идејата да изгубат детали и да имаат пренагласени светли тонови, но јас сметам дека малку прекумерна експозиција дава филмски изглед“, вели таа.
Подолгите времиња за експозиција може да создадат чувство на движење во сликите, особено кога тоа се применува на подвижни елементи, како вода или облаци. Rosie сѐ повеќе експериментира со вештачка интелигенција (ВИ) при уредувањето, што е практично кога си игра со експозицијата. „На пример, ако имам дел од бел фустан со прекумерна експозиција, можам да го заокружам тој дел и да напишам „додај детали“ во полето за наредба, при што вештачката интелигенција ќе го анализира остатокот од фустанот и ќе ги додаде истите детали, што ме воодушевува“.
10. Формирајте приказна
Приказните се сржта на работата на Rosie, воздигнати далеку над обични портрети, а таа ги охрабрува ентузијастите да внесат наративни елементи во нивните слики. „Многу луѓе мислат дека можноста за раскажување приказни е вродена, но јас мислам дека се учи“, вели Rosie. „Не мислам дека треба да е срамно да нѐ инспирираат други луѓе. Само треба со почит да ја толкувате таа инспирација. Препорачувам да ги деконструирате сликите што ги сакате и да ги пробате тие елементи на различни начини“.
Таа предлага и да побарате инспирација во себеси. Некои од нејзините најмоќни дела се инспирирани од тагувањето по смртта на нејзина блиска личност низ фотографирање.
„На крај, треба да се стремите да ја раскажете својата приказна и да бидете инспирирани од своите емоции - и позитивни и негативни. Треба да погледнете навнатре и да се запрашате „Што сакам да кажам? Кои се моите коментари на животот?“
За повеќе инспирација и совети од фотографи, погледнете ги креативните видеозаписи за уредување на Rosie, како и останатите видеа во листата за репродукција Canon Europe Learning Series на YouTube.
Напишано од Lucy Fulford
Слични производи
-
Фотоапарати без огледало
EOS R5
Променете ја вашата перспектива за фотоапаратите без огледало. Беспрекорните перформанси на EOS R5 ќе го подобрат начинот на кој фотографирате и снимате. -
Фотоапарати без огледало
EOS R8
Преминете на фотографии и видеозаписи во формат за целосна слика и остварете ги вашите креативни амбиции. -
Фотоапарати без огледало
EOS R50
Снимете ги вашите најдобри содржини со овој фотоапарат без огледало EOS R, од остри фотографии до 4K-видеоснимки и проследување во живо. Сè во еден наменски уред. -
Објективи RF
RF 35mm F1.8 MACRO IS STM
Макро објектив f/1,8 од 35 mm со брза решетка за широкоаголна перспектива, кратко растојание на фокусирање и хибридна стабилизација на слика. -
Стандарден објектив
RF 50mm F1.8 STM
Компактен, тивок и лесен примарен RF-објектив од 50 mm, со широка решетка од f/1,8, што е совршен за реализирање на вашата креативна замисла. -
Објективи RF
RF 85mm F2 MACRO IS STM
Објективот RF 85mm F2 MACRO IS STM нуди разновидни опции за фотографирање одблиску со дискретна телефото компресија и стабилизација на слика со 5 чекори, вградени во компактно и лесно куќиште.