Со активирани предупредувања за осветлување и сенка во DPP, областите со светлина кои се изложени на ризик да бидат пресечени се преклопени во црвено. Областите што се потенцијално претемни и постои ризик да се исечат тоновите во сенка, се преклопени во сино.
Како ентузијаст за фотографија, веројатно сте навикнати да ги користите поставките и опциите на фотоапаратот за да го насочите фокусот, експозицијата и композицијата на вашите фотографии и можеби рутински ги прегледувате вашите фотографии на ЛЦД-екранот на фотоапаратот, а потоа повторно ги правите со малку поинакви поставки за да бидат совршени. Со толку многу внимание при фотографирање, сликата директно од фотоапаратот честопати е доволна за документирање на вашите искуства – но постојат некои посебни прилики што изискуваат уште поголемо внимание. Свадби, годишнини, роденденски забави, матури, први чекори на вашето дете – моментите кои се случуваат еднаш во животот се достојни да останат запаметени во најдобро можно светло и затоа е важно да научите како да ги уредувате вашите фотографии. Со уредувањето може да поправите многу грешки, да ја подобрите композицијата и осветленоста и другите технички аспекти, да дадете препознатлив изглед на сите ваши слики од еден настан и многу повеќе.
За да си дадете поголема слобода кога станува збор за уредување на вашите слики, вреди да фотографирате RAW, односно да го поставите фотоапаратот да ги зачувува сликите како RAW-датотеки наместо во JPEG-ови. RAW-датотеката во суштина е дигитална негатива што содржи сирови, необработени податоци од сензорот на вашиот фотоапарат, од кои може да создадете повеќе толкувања на сликата. JPEG се веќе обработени од фотоапаратот и лесно се споделуваат директно од фотоапаратот, но ви даваат многу малку простор за уредување или корекција. Еден практичен начин да го добиете најдоброто од двата света е да поставите фотоапаратот да зачувува и RAW и JPEG – на тој начин, добивате слика што лесно може да ја споделувате, а истовремено и RAW-датотека со која може да експериментирате и да ја подобрувате подоцна. Сепак, имајте предвид ќе ви треба повеќе простор на мемориската картичка за фотоапаратот да зачувува две верзии на секоја фотографија.
За да креирате фотографија од RAW-датотека, треба да ја обработите. Може да го направите ова во фотоапаратот, па дури и да направите некои прилагодувања попатно – прилагодување на осветленоста, коригирање на аберациите на објективот, поставување на меморирани ефекти како што се Vivid или Soft и повеќе. Но, пожелно е главната обработка да се направи на многу поголемиот екран на вашиот компјутер користејќи специјализиран софтвер за уредување RAW, како што е бесплатниот Digital Photo Professional (DPP) на Canon или Adobe® Lightroom®. Тоа е полесно, и ви дава можност да поставите различен стил на слика, баланс на бела боја, поставка за намалување на шум и многу повеќе. Сите измени што ќе ги направите во RAW-датотеката (без оглед дали се во фотоапаратот или на вашиот компјутер) се недеструктивни, што значи дека оригиналната датотека не е променета и сите прилагодувања може да се повратат, изменат или отстранат во секое време, дури и ако ја затворите датотеката и повторно ја отворите подоцна.